„Едвај ги покриваме трошоците" - беровските комуналци бараат поскапа вода за пиење

 Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ достави предлог до Советот на општина Берово за покачување на цената за вода за домаќинствата и другите корисници за 25 отсто, со што за кубен метар потрошена вода би се плаќало по 35 денари.

- По пуштањето во употреба на Системот за водоснабдување, односно Фабриката за вода и пречистителната станица, рапидно се зголемија трошоците на работењето. Со досегашната цена која беше меѓу најниските во Македонија одвај ги покриваме трошоците на работењето, за електрична енергија, хлорирање и другите тековни давачки, поради што последниве три месеци немаме финансиски средства за исплата на платите на вработените, вели директорот на  „Услуга“, Љупчо Дракалски.

Градоначалникот на општина Берово Драги Наџински се надева дека Советот на Општината  на наредната седница ќе ја донесе одлуката за зголемување на цената на водата за пиење.

- Направените калкулации покажуваат дека со цена од 35 денари за метар кубен, Јавното комунално претпријатие ќе оствари додатен приход од околу 300.000 денари месечно, што ќе бидат доволни да ги покријат зголемените трошоци на работењето и 83-те вработени редовно  да си ја примаат платата, изјави Наџински.

најчитано сега