Коњановски: Во задругарството лежи одговорот за моќен земјоделец

Одговорот за силен, моќен земјоделец е во задругарството, во овој правец треба да се движи македонскиот аграр. Поголемо и поквалитетно производство, сигурен пласман, повисока поддршка од државата и поголем профит, се само некои од придобивките на кооперативното здружување,  порача заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски откако денеска во Струмица им ги врачи решенијата на првите две земјоделски задруги регистрирани според новиот Закон за задругарство.

Коњановски напомена дека Македонија е прва земја во регионот која донесе посебен Закон за земјоделски задруги, а пред десетина дена во целост ги измени и комплетира потребните правилници за негово полесно спроведување, посочи заменик министерот.

Во своето обраќање до членовите на Македонската асоцијација на земјоделските задруги, ја истакна соработката и директното учество на земјоделците во носењето на Законот за земјоделски задруги.

-Веќе е голем интересот кај земјоделците во повеќето региони од државата за формирање задруги. Токму денеска на една земјоделска задруга од Преспанско и на една од Струмичко, официјално им ги даваме решенијата за нивното постоење и натамошно успешно работење. Апелирам до сите што сакат да бидат силни земјоделци, да сноваат задруги и кооперативи, да почнат со планирање на производството во овие асоцијации, рече заменик министерот.

За претседателот на Македонската асоцијација на земјоделските задруги Менде Ивановски, земјоделската задруга е основната форма на здружување на земјоделците со цел остварување на нивните  цели.

-Светскиот ден на задругите во соработка со Министерството за земјоделство го одбележуваме вторпат со што покажуваме дека сме дел од големата асоцијација на земјоделски задруги. Задругата е првиот чекор што земјоделците треба да го направат  во формата на здружување, рече Ивановски, посочувајќи ги скандинавските земји и Турција како добар пример за здружено работење.

Решенија од Министерството добија задругите Рес груп од Ресенско која брои 20 членови и чија основна дејност е овоштарството, како и Вега фреш од областа на градинарството со засега вкупно 24 членови. Доделувањето беше по повод утрешниот Светски ден на земјоделските задруги, 7-ми Јули.

Годинава Денот на задругите се одбележува под мотото „Задругите остануваат силни и во време на криза“.

Во Македонија моментно функционираат околу 15 задруги, но Рес груп и Вега фреш се првите две официјално регистрирани согласно новиот Закон.

Во Министерството за земјоделство посебно одделение ќе работи на комуникација со постоечките задруги и со земјоделцлите кои сакаат да формираат задруги. Ова е дополнителна институционална поддршка покрај финансиската што ја обезбедува државата. 

ФОТО: МИА