Стапката на невработеност ќе продолжи да се намалува

За една третина е намалена стапката на невработеност во Република Македонија во последниве девет години. Додека соседството и Европа се уште се соочуваат со последиците на кризата која донесе енормен раст на стапката на невработеност, Македонија може да се пофали со успешни реформи кои ја спуштија стапката на невработеност на историски најниско ниво во последните години, пишува Лидер.

Податоците на Државниот завод за статистика потврдија дека во вториот квартал од годинава, стапката на невработеност падна под границата од 27% после две децении и се спушти на историски 26,8%. Ако се земе предвид дека највисокото ниво на стапката на невработеност беше достигнато во 2005 година, кога изнесуваше рекордни 38,7%, денес стапката на невработеност е намалена за речиси 11,9 процентни поени, а грубата математика покажува дека од тогаш до денес се отворени речиси 200 илјади нови работни места.

Историски и статистички гледано, од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006-та година, стапката на невработеност е намалена за повеќе од 9 проценти, од 36% во 2006-та на актуелните 26,8%. Убедливо највисоки стапки на невработеност се регистрирани во 2003, 2004 и 2005 година, во времето на СДСМ.

-Намалувањето на невработеноста од 38 на 26, 8 проценти што значи за една третина е намалена невработеноста во Република Македонија, е најдобриот резултат на владата во последниве 9 години и е резултат на макотрпна работа каде што се спроведени бројни реформи. Kрајна цел e до крајот на 2017-та и почетокот на 2018-та невработеноста да биде под 22 проценти, изјави вчера вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Реформите на ова поле кои ги спроведува владата, според експертите даваат надеж дека невработеноста во земјава ќе продолжи да се намалува. Станува збор за совршена комбинација на мерки, кои заеднички даваат високи резултати.

Реформите даваат резултати

Активните мерки за вработување спроведени од надлежните институции и Агенцијата за вработување овозможија отворање на работни места и помош за компаниите, како и за старт- ап бизнисите. Мерките освен што придонесуваат невработените лица полесно да најдат работа, исто така им овозможуваат и да отворат сопствен бизнис преку мерката за самовработување, а компаниите истовремено се стимулираат да отворат нови работни места преку поволни кредити и грантови, со што истовремено го унапредуваат и сопствениот бизнис. Тука спаѓа и политиката за привлекување странски инвестиции, како и подобрување на соработката меѓу странските и домашните компании.

-Намалувањето на невработеноста е резултат на повеќе фактори. Имаме раст на БДП, што значи дека имаме економска активност и во услови на криза, во време кога во Европа и во земјите со кои што Македонија соработува се уште има пострецесиони влијанија. Имаме позитивни движења кои создаваат услови за отворање нови работни места , макроекономска стабилност и мерки кои се насочени кон поттикнување на инвестициите, и домашни и странски инвестиции, смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Проектот „Македонија вработува“, пак се покажа како вистински погодок на ова поле. Имено, со мерките кои се нудат преку овој проект, за само четири месеци отворени се коли 5.500 нови работни места. Од друга страна, во отворањето на нови работни места, клучен придонес има привлекувањето на нови странски инвестиции во земјава.

-Домашните компании инвестираат и вработуваат, а ги користат и активните мерки за намалување на невработеноста. Од друга страна, странските компании отвораат директни работни места, а и индиректно придонесуваат за зголемување на вработеноста во земјата, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Бројот на вработените во странските компании кои се сместени во зоните, но и надвор од нив, континуирано расте. Во оваа насока, прогнозите на ММФ велат дека за две до три години во зоните ќе се отворат околу 30 илјади нови работни места.

Што се бара на пазарот на труд?

Според евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија, моментално на пазарот на труд отворени се над 7.000 работни позиции. Работодавачите не мируваат, а поттикнати и од мерките и поддршката која ја дава Владата, бараат нови и стручни работници.

Стручните кадри се сѐ повеќе барани на пазарот на работна сила, но најмногу огласи во моментот има за продавачи, за хигиеничари и во угостителството за келнери. Барани на берзата на труд се и работниците за едноставни работи, магационерите, работниците на производствена линија, таксистите, текстилците и шивачите, а има потреба и од комерцијалисти, градежници, заварувачи.

Податоците велат дека трговијата, преработувачката индустрија, транспортот и градежништвото се секторите кои отвораат најмногу работни места. За работодавците, најбарани се техничките кадри, за кои велат најтешко се наоѓаат на пазарот на трудот. ИТ професионалците, инженерите веќе подолг период се на цена.

Над 70% од објавените огласи отпаѓаат на техничките кадри, а според познавачите на пазарот на труд, ваквата состојба се случува поради влезот на странските инвеститори во земјава, кои имаат најголема потреба од технички и стручни кадри.тапката на невработеност на историски најниско ниво во последните години, пишува Лидер.

 

 

Оцени ја веста

17.09.2015 - 09:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега