На пролет предвремени парламентарни избори?

Предвремени парламентарни избори на пролет, заедно со претседателските се се поверојатна опција по се постудените односи на релациja ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ. Никој во двете политички партии веќе не крие дека коалицијата функционира во нарушена атмосфера и дека прашањето веќе не е дали, туку кога ќе се одржи вонредното соочување со граѓаните.
Извори на Press24 кои инсистираат на анонимност, потврдуваат дека Владата но и владејчката ВМРО-ДПМНЕ веќе спровеле повеќе сондажи на јавното мислење и дека резултатите за нив биле охрабрувачки. Според истите извори, значително пораснала довербата во Владата меѓу највлијателните гласачки тела. Огромна е поддршката која премиерот ја има меѓу пензионерите и земјоделците, а расте довербата и во Владата како целина. Со вакви резултати на своето биро, нашите извори велат дека Груевски нема долго да остане во коалиција со Ахмети под како што велат влошени односи, дотолку повеќе што нов изборен циклус според внатрепартиските анкети ќе му донесе подобра позиција во Собранието и повеќе пратеници

И премиерот Груевски, два пати во една недела потенцираше дека се влошени односите во коалициониот партнер. И во интервјуто за Дневник но и во она за Нетпрес, Груевски истакна дека за некои работи може да се најдат решенија, но за некои не.

„Имаме несогласувања. За некои наоѓаме решенија, за некои сеуште не. Реков еднаш и пак ќе кажам, односите со ДУИ во првиот и во вториот мандат не се исти. Во вториот се влошени, но сеуште на одржливо ниво. Се додека имаме тренд на зголемување на стандардите во сите сфери, ќе има логика нашето коалицирање. Тоа е наша мисија како политичари. Постојани реформи на подобро.“ - изјави Груевски за Нетпрес.

Сличен беше и одговорот за Дневник, каде премиерот дополни дека меѓународниот фактор го користи ДУИ за да се заканува дека ќе ја сруши Владата.

Интересна вест денеска лиферуваа и албанските медиуми кои потенцираа дека на есен, ДПА ќе ја замени ДУИ на Илинденска. 

Експресно, пристигна реакција од ДУИ преку ним блиските медиуми. За Алсат шефот на кабинетот на лидерот Ахмети, Артан Груби рече дека неговата партија не е за предвремени парламентарни избори.

„Демократската унија за интеграција е дел од Владата и од владејачката коалиција и тоа како резултат на последните парламентарни избори, каде ја доби апсолутната доверба на албанската заедница во Република Македонија. Затоа ние сме посветени во спроведувањето на програмата со која ја добивме довербата на последните избори. Затоа, верувам дека сите разлики треба да се надминат со компромис и дијалог, но треба да се знае дека истовремено ДУИ и ВМРО ДПМНЕ се таму, како претставници на двете државотворни заедници во Македонија“ - рече Груби.

Ваквата изјава на ДУИ практично значи предупредување до ВМРО-ДПМНЕ дека партијата е репрезент на македонските Албанци во власта и дека нема да биде лесно да биде оставена во опозицијата иако, законите го дозволуваат тоа.

Но за предвремени избори, па и за нова коалиција, според распоредот на силите во Собранието ДУИ не е факторот кој треба да биде прашан. Со 56 пратеници и плус уште некој од останатите партии, ВМРО-ДПМНЕ нема да има никаков проблем да распише предвремени избори, доколку се реши на тоа или вентуално да направи рекомпонирање на владиниот состав.

А.С.

најчитано сега