Македонија го реформира пазарот на трудот - кадар соодветен на бизнисот

Македонија го реформира пазарот на трудот во земјава. Во тек се низа мерки и проекти кои треба да придонесат да се профилираат работници кои ќе одговорат на потребите на компаниите, со што образованието ќе се прилагоди на реалниот сектор. Со ова, од една страна ќе се намали невработеноста, а од друга страна, домашните бизнисмени полесно ќе доаѓаат до потребната работна сила, пишува Лидер.

Ова беше едно од клучните барања на бизнисмените во изминативе години, кои постојано укажуваа дека има дисбаланс меѓу понудата и побарувачката на работна сила, дека компаниите тешко доаѓаат до соодветен кадар.

-Треба да се создаде кадар според потребите на стопанството, со што ќе се намали притисокот на пазарот на работна сила, ќе се испеглаат дисбалансите меѓу понудата и побарувачката, а со тоа ќе се намалат и мотивите на заминување од земјава, рече Антони Пешев од Стопанската комора.

Средното стручно образование целосно ќе се реформира

Владата со помош на меѓународни консултанти го стартуваше проектот за целосно реформирање на средното стручно образование. Треба да добиеме модернизирано и европски усогласено стручно образование, прилагодено на пазарот на трудот, со што треба да се продуцира квалификуван кадар за компаниите, да се намали невработеноста, да се спречи одливот на мозоци. Во план е да се реформираат 14 струки, 52 образовни профили и 1.300 наставни програми.

-Ќе утврдиме кои наставни програми треба целосно или делумно да се променат. Ќе утврдиме за кои предмети се потребни нови учебници и дополнителни наставни помагала. Ќе се набави соодветна опрема, која е неопходна за квалитетна практична настава, со цел да се унапредат стручните вештини. Реформата треба да заврши до 2018-та година, изјави заменик – министерот за образование, Спиро Ристовски.

Кои профили се бараат на пазарот?

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

Средното стручно образование треба да испорача: шивачки, бравари, столари, заварувачи, армирачи, лимари, повеќе профили на градежни работници, металостругари, монтери, автомеханичари, електроинсталатери, преработувачи на овошје и на зеленчук за потребите на преработувачката индустрија.

Дисбалансите се решаваат преку обуки

Дисбалансите на пазарот на трудот се решаваат и преку субвенционирани обуки. Преку програмата на Агенцијата за вработување се реализира програма која треба да ја зголеми вработеноста на начин што невработените се стекнуваат со соодветни знаења и вештини, кои во моментов се бараните на пазарот на трудот. Мерката се применува на повеќе од 600 активни баратели на работа.

Обуката трае четири месеци, од кои еден месец во реална работна средина.  Работодавачите, стопанските комори, компаниите, како и занаетчиите ги посочија струките кои се дефицитарни на пазарот, па обуките се направени за да одговорат на овие барања. Луѓето кои ги спроведуваат обуките добиваат 30 илјади денари по обучено лице, а луѓето кои се вклучени во обуките добиваат месечен надомест од 6.200 денари. За времетраење на обуките на корисниците на оваа мерка не им престанува правото на користење на социјална помош.

Освен оваа програма, на корисниците им стојат на располагање и програмите за практикантство, за обука кај познат работодавач, за стекнување основни вештини за вработување.

Обуката кај познат работодавач предвидува во рок од 3 месеци невработените да се стекнат со соодветни вештини, за што добиваат по 6.200 денари месечно, а работодавачот добива пари за менторство и за материјални трошоци.

 

Невработеноста се намалува!

Како резултат на активните мерки за вработување, оперативните планови за разни програми, прилагодени на моменталните потреби, директните странски инвестиции, проектот „Македонија вработува“, стапката на невработеност се спушти на историски најниски 25,5 проценти.

-На ниво на држава, досега преку проектот „Македонија вработува“ се отворени повеќе од 12.600 работни места места. Проектот трае до крајот на април. Сакам да ги повикам сите приватни компании да ја искористат оваа неповторлива шанса и поволностите кои ги нуди проектот, изјави дополнителниот заменик – министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Според последните податоци на Статистика, во земјава без работа се 243.230 луѓе.

 

 
 
19.02.2016 - 09:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега