Една вечер пред ТВ во „диктатурата“

Доволно е една вечер да се помине пред телевизорот и работите се јасни. Таков беше четвртокот вечерта на 7 април 2016 година. Kој беше ТВ-репертоарот во „диктатурата“? Одиме по ред.

Сашо Орданоски и Бранко Героски беа гости во емисијата на Оливера Трајковска. И во текот на емисијата Сашо Орданоски одлучно порача:

„Се бориме против диктатура!“

Патем, во која диктатура тоа се соопштува на национална телевизија?! Знаете, ова е таква страшна диктатура во која главните опозиционери не се симнуваат од телевизија. Не знам како стигнуваат секоја вечер да бидат на разни ТВ-гостувања, дебати, емисии…

ТВ-емисиите ги тераат од 19 до 22 часот, а после тоа одат на „Фејсбук“ или ги пишуваат своите колумни за весниците кои секојдневно излегуваат во „диктатурата“.

Преку ден се на нивните трибини, семинари, конференции, тркалезни маси по скопските хотели и конференциски центри. Секојдневни жалопојки, кукање и озборување на сопствената држава, секако во борба против „режимот“ и „диктатурата“.

Во пауза меѓу две трибини, ќе седнат да ги фати сонце по кафулињата на улица Македонија или на плоштадот Македонија (или ФИРОМ, како нивно наследство).

Ќе нарачаат капучино или макијато, можеби и некој коктел, па одат поплаките против страшната „диктатура“.

Таков им е секој ден на „борците за човекови права“ во оваа страшна диктатура. Од сабајле НВО-трибина, па кафе-пауза на улица Македонија, па втор дел на трибината, приквечер се пишува колумна за весник, навечер на настап на национална ТВ, а подоцна „Фејсбук“ и „Твитер“ во оваа страшна „диктатура“ и „режим“.

Знаете, тоа е онаа диктатура што го донесе интернетот и во најмалото село. Знаете, тоа се оние слободарски влади на СДСМ кои оставија одвај 16 отсто население со интернет во цела Македонија во 2016 година, а сега во 2016 година за време на „диктатурата“ имаме речиси 80 отсто население со интернет.

Знаете, тоа е онаа диктаторска власт што донесе интернет во целата држава, па сите се на „Фејсбук“, твитаат, дебатираат… Има десетици и десетици интернет-страници, веб-портали, платформи, блогови… Ептен диктаторски.

А кога беше демократија? Kога имаше плурализам?

На пример, од 1994 до 1996 година? Kога Сашо Орданоски беше директор на телевизијата?

Kолку телевизии имаше тогаш? Една или две ТВ. Државната МТВ беше 95 отсто од пазарот. Денес има 20 телевизии и повеќе од 30 локални.

Kолку весници имаше тогаш? Два –- државните „Вечер“ и „Нова Македонија“, а денес има барем 10-ина.

Kолку веб-портали имаше тогаш? Нула, а сега има стотици.

Kолку контакт-емисии имаше тогаш? Нула, а сега има барем 5 секој ден. Секој може да се јави во живо во некоја емисија на куп телевизии и да коментира за с` и сешто.

А логиката на тифозите на СДСМ? Е, па, во 1994 или во 1996 година беше демократија, а сега е диктатура.

Или, за нив, е демократија и слобода периодот 1945 – 1990 кога во СР Македонија 45 години, 12 мандати, сите премиери, сите министри, сите градоначалници и сите општински беа од една партија. Онаа, нивната, комунистичката.

Нели тоа беше слобода и демократија кога немаше избори 50 години, а денес кога има 50 политички партии и избори секоја година, сега е „диктатура“ и „режим“.

Да се вратиме на емисиите во четвртокот вечерта.

По тоа, Бранко Героски ни порача „Ова е хунта“.

Знаете, ова е таква хунта во која министер на полицијата е генсекот на главната опозициска партија.

Патем, хунта е систем каде што војската је презема власта. На пример, во Грција на 21.4.1967 година, кога првиот ден од ударот биле уапсени 10.000 луѓе, биле распуштени сите политички партии и воведени воени судови, кои во првиот месец уапсиле дополнителни 8.000 луѓе, а ѕверски биле мачени и тепани 3.500 луѓе.

Друга позната хунта е онаа на генералот Аугусто Пиноче во 1973 година. За време на оваа хунта беа убиени 3.000 луѓе, а беа затворени и измачувани дури 27.000 луѓе поради политички уверувања.

Истиот четврток, од националната ТВ 21, портпаролот на ЛДП ни порача:

„Македонија е концентрационен логор“.

Што да каже човек на ова? Фин, артикулиран човек, во костум, на национална телевизија, со „ајфон“ или „нокиа“ или „самсунг“, ни порачува дека себеси се доживува како Ана Франк или Ели Визел.

Во неговата забегана логика и неговото слепило Скопје е Аушвиц, Прилеп е Бухенвалд, Велес е Треблинка, Тетово е Дахау, Штип е варшавското гето, Гостивар е Собибор, а Kочани е Мајданек. И портпаролот на ЛДП го тврди и кажува сето тоа со сериозен глас, убеден во тоа. Што да каже човек на сето ова?!

По тоа, одеше дебата на националната ТВ „Телма“. Всушност, не беше дебата, туку тркалезна маса, на која соговорниците се натпреваруваа кој повеќе ќе удира по владата. И сето тоа е во ред. Тоа е плурализам и демократија.

Но, ќе беше барем малку чесно да се дадеше таква констатација дека Македонија е демократска и плурална земја. Не, тоа не се случи.

Дане Талески, поранешен член на претседателството на СДСМ, а сега независен аналитичар од национална ТВ, на ТВ-аудиториумот му порачуваше дека нема демократија, слобода на изразување и слично. Знаете, страшен режим и диктатура.

По тоа, во четвртокот вечерта дојдоа вестите, а на медиуми одеа изјавите на Мирјана Најчевска, Слаѓана Тасева и долги извадоци од Зоран Заев во сите вести, дневници и информативни емисии.

Знаете, тоа е онаа диктатура во која лидерот на опозицијата не се симнува од телевизиите, секој ден и секоја недела. Kаде што Ерол Ризаов секој ден во своите колумни во јасно определен опозиционен весник ни порачува дека нема доволно слобода на изразување.

И така.

„Борците за права“ одат околу и велат дека нема слобода и демократија, но народот лесно ги прочита. Да се здрави и живи, нека пишуваат и создаваат, Македонија е демократска и слободна земја. Народот знае, гледа и согледува.

Влатко ЃОРЧЕВ

 
 
11.04.2016 - 11:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега