Политика на шарени играчки

Живеам со три деца. Живеам со постојано прескокнување разни шарени играчки, не секогаш успевам сите да ги избегнам, а добар дел од нив ми предизвикуваат вистинска болка кога ќе ги нагазам (посебно во делот на петата). Секако, викам по децата кога дома повеќе наликува на пост-апокалиптична сцена отколку на, веројатно омилената фраза на сите мајки, „нормална куќа“, но на крајот на денот, послушно ги собирам играчките за да имаат моите деца нова занимација за утре, повторно растурање. И ѕидовите во мојот дом се налик на шарената револуција, а кречењето постојано го одлагаме „поради времето“, знаејќи дека вистинската причина е, всушност, предизвикот кој белите ѕидови ќе го понудат на моите три ѓавола.

Несомнено, некој ден и моите деца ќе се смеат на анегдотите како пред многу години нацртале диносаурус или принцеза среде дневна соба, но до тој ден, веројатно почнувајќи од денес, тие цртежи ќе предизвикуваат многу нервоза, и потреба од многу, многу нерви и трпение за се да дојде на свое место.

Мојата домашна шарена револуција, или ако сакате, шарено секојдневие, не е многу поразлична од оваа улична шарена револуција. Разликата е само во тоа што домашната е уникатна и своја, а „шарената револуција“ е веќе одамна видена и туѓа. Секако, ефектите по нервите се исти. И едната и другата предизвикува штета која, да бидеме искрени, не е ненадминлива, предизвикува игра по нерви, но, на крајот на денот, ја направиле наши деца. И по неколку постари деца, тук таму за да држат баланс и координација во насоката. Зборувајќи за оние вистинските деца, веројатно во нивниот ум тоа е некаков уметнички израз, но и израз на револт, тоа на сите ни е јасно. Но, она што боли е – зошто?

Зошто против ѕидовите на зградите во кои, за прв пат од историјата на независна Република Македонија, најдоа свој дом и свој простор нашите, македонските институции и државни органи? Дали со нивното нагрдување се сака да се испрати порака дека еден дел од граѓаните не ги признаваат, дека не ги почитуваат, дека тие органи не се наши па затоа треба да бидат нагрдени? Која и да е пораката, боли. Вистината е дека голем дел од Македонците се радувале од моментот кога се родил нацрт-проектот, па се до нивното длетување, друг помал дел од Македонците со презир гледале на секоја фаза. И да, да не го заборавиме оној најмал дел од граѓаните кој не е заинтересиран за ништо. Одговорот зошто се прави ова сквернавење на македонските јавни објекти треба да се бара не толку од вистинските деца, колку од вистинските продуценти на „делото“. Презентираната „уметност“ во сите бои, дефинитивно е тука за да испрати конкретна симболика и поента каде треба да оди македонското општество, и во што истото треба да се претвори. И симболиката и поентите се детално размислувани во главите на стратезите дека и Македонија како држава може и треба да биде поинаква од оваа денес.

Но, ако мислат дека тоа лесно ќе им оди од рака, длабоко се зафркнале. Заборавиле еден клучен момент кој дава сосема поинаква димензија од очекуваната. А тоа е дека ова е Република Македонија, а не некоја таму земја недојдија. Ова е Република Македонија која има свои посебности, свои специфики, свои историски и духовни вредности различни од оние на режисерите. Се заборава дека идеите и замислите стокмени на „шарена маса“ ќе немаат почва на македонски терен, па дури и ако ги играат помладите генерации кои не паметат многу од поблиското, а посебно од подалечното минато на државата. Тешко дека ова сценарио ќе им пројде дури и ако се „возат“ на надежта дека е поминат доволен период од 15 години од последниот конфликт на нашата територија. Смената на генерации треба да го направи чудото. Но, јалова е таа прогноза. Тоа може поскоро, може подоцна ќе мора да го разберат главните режисери на „шарената револуција“.

Македонците не се ниту американци, ниту холанѓани, ниту германци, ниту италијани, ниту чеси, ниту словаци. Не се ниту скандинавци, ниту шпанци. Македонците се свои, тие се уникатни, и да, тие, ние, сме горди на тоа што сме. Шаблонот на „шарената револуција“, „драги“ режисери, нема да ви успее. Совршена кројка за совршена револуција нема. На крајот, верувајте, ќе останете со покуси пантолони, оние трифртаља, но и со прашалници околу вашите глави „каде згрешивме“. Одговорот ќе биде многу едноставен. Згрешивте во проценката на Македонците. Згрешивте во кројката, во материјалот, и во преголемото шаренило. Премногу е за нашиот вкус.

Македонците не се мекдоналдс плескавици, штанцани во машина со иста големина и форма, и со гумен вкус. Македонците не се кока кола шишиња, ниту идентично сецкан помфрит. Македонците не се пита од јаболко, а не се ниту кентаки-чикен. Македонците сакаат младо кромидче скинато од двор, оној што вие одамна го немате, сакаат магдонос што расте во дворот на баба, онаа баба што вие ја гледате еднаш во три години, а можеби ни тогаш, сакаат домат зреен од Македонското сонце, она што гали на посебен, на единствен начин, сакаат пиперка што се „смее“ од убавина, онаа убавина што одамна ја нема во вашите општества и во вашите семејства, сакаат јаболка што зрачат со топлина, онаа што вие ја имате заборавено, сакаат сирење што мириса на Шарпланина, сакаат пастрмка што има вкус на најубавото езеро на светот, сакаат јаготка скината од нивата распространа на зелената полјана преполна со пролетни мирисни цветови...Тоа е вистинската, автохтона „шарена убавина“ на нашата, на мојата земја. Се друго е грд плагијат виден и почувствуван во секој дел од светот. Во него нема вистинска фантазија и идеја, нема ниту душа, ниту убавина. Нема ниту вистински вредности.

 

Токму затоа, „шарената револуција“ нема да ви успее...  

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

 
 
25.04.2016 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега