Нов закон: Мајките со болни деца не смеат да добијат отказ

Проблемот кој го имаат мајки со деца болни од рак, бидејќи добиваат отказ поради долготрајното боледување со оглед на тоа дека се покрај децата во текот на шестмесечното болничко лекување, може во Федерацијата БиХ лесно да се реши преку измени на Законот за труд и тоа во рок од два до три месеци. Дека овој проблем може брзо да се реши, рекоа членките на Клубот на парламентарките во Претставничкиот дом на Парламентот во Ф БиХ, истакнувајќи дека овој клуб, чии членки припаѓаат и на позицијата и на опозицијата, ќе упати иницијатива за измени на законот за труд во овој правец, ако самата Влада на Ф БиХ не го направи тоа. Тие очекуваат дека работите наскоро ќе бидат појасни. 

На Претставничкиот дом на Парламентот на Ф БиХ неодамна се обратија членови на Здружението „Срце за децата кои боледуваат од рак во Ф БиХ‟ барајќи промена на работното законодавство, т.е. како што објасни секретарот на ова здружение Јасна Ватреш, во Законот за труд како посебна категорија да се воведе боледувањето на мајки и татковци кои се покрај детето додека трае активното лечење. „Активното, болничко лечење трае шест месеци. Се случува мајките да добијат отказ, посебно ако работат во приватниот сектор, поради долготрајното боледување. Според законите, боледувањето трае 42 дена, а има и работодавци кои подоцна не сакаат да ги признаат ни дознаките‟, рече Ватреш. Таа истакна дека годишно од рак заболуваат околу 50 деца, па постојат десетици мајки кои барале и бараат боледување.

На детето му е потребна мајката покрај себе

Ватреш наведе дека на детето му треба мајката покрај себе во болница, а таа мора да го остави детето да „ги добие дознаките‟ и да оди на комисија, што е најголем проблем. „Па каква е тогаш таа улога на мајката која треба да е покрај детето. На детето му е доволно тешко што е болно, опколено со апарати и со непознати луѓе. Луѓе доаѓаат од Бихаќ, Тузла на клиниката во Сараево и потоа мора да се враќаат поради папирологија. Тоа е и трошок. Прашање е и колку таа комисија за боледување има разбирање‟ - рече Ватреш. 
Таа истакна дека од Клубот на парламентарките барале да помогнат како мајки, како жени, бидејќи тие како здружение не можат да упатат иницијатива за промена на работното законодавство. Мира Љубијанкиќ пратеник од СДП во Претставничкиот дом на Парламентот на Ф БиХ, рече дека иницијативата на Здружението „Срце за децата кои се болни од рак во Ф БиХ‟ е скромна и покрај тоа што родителите ја поддржуваат.

Ќе бидат поднесени и преостанати две иницијативи

Таа напомена дека клубот на парламентарките ќе поднесе и други две иницијативи на ова здружение, а кои се однесуваат на осигурување на работата на родителската куќа и на придружба на деца при лечење од рак откако ќе наполнат 18 години. „Прашањето за боледување и родителскиот дом може брзо да се реши. Кога е во прашање боледувањето, ќе делуваме на амандмански измени на Законот за труд ако Владата на Ф БиХ тоа не го направи. Во клубот на парламентарките не се разликуваме во ставовите. Се надеваме дека ова ќе биде усвоено во Парламентот‟ - истакна Љубијанкиќ. 

 
 
27.04.2016 - 12:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега