Попоски претседава со состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел

Денеска македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски престојува во работна посета на Брисел, по повод Десеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија.

Со годинешниот состанок ќе претседава министерот Попоски со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација. Во македонската делегација ќе биде и заменик претседателот на Владата за европски прашања,  Фатмир Бесими. Копретседавач од страната на ЕУ ќе биде министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус, а во име на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Кетрин Ештон. На средбата ќе присуствува и комесарот за проширување Штефан Филе.

На состанокот ќе стане збор за билатералните односи меѓу Република Македонија и ЕУ во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, за исполнувањето на политичките и економските критериуми, финансиската соработка и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и за состојбите во регионот Западен Балкан и други меѓународни прашања од заемен интерес.

Инаку, шефот на македонската дипломатија вчера во Брисел се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. На оваа прва нивна средба по стапувањето на Евангелос на функцијата вицепремиер и шеф на дипломатијата, двајцата разговарале за перспективите за напредок во евроинтеграциите под тековното литванско и следното грчко претседавање со ЕУ, изгледите за динамизирање на дијалогот околу разликата за името, перцепциите за различната политичка приоритетност на спорот во двете земји и ефектите од должничката и економската криза на билатерално и регионално ниво.

ФОТО: Сител