СДСМ бара да се повлече законот за медиуми и аудиовизуелни услуги

СДСМ денеска  побара повлекување на законите за медиуми и за аудио и аудиовизулени медиумски услуги.

Пратеникот Јани Макрадули на прес-конференција рече дека повлекувањето на законите не е само заради барањето на ОБСЕ и со цел на новинарите и на слободата на изразување како темел на една слободна држава.

- Факт е дека ОБСЕ го демантираше министерот Иво Ивановски за наводна усогласеност на Законот за медиуми. СДСМ ја споделува истата загриженоста како и ОБСЕ, рече Макрадули. Дополнително, според него, загрижува амбиентот во кој што се носи овој закон.

Новата верзија на законите, според Макрадули, треба да ја департизира и деполитизира Агенцијата за медиуми каде што мнозинството членови ќе доаѓа како предлог на независни здруженија, нивниот избор ќе биде направен со две третини, нема да постои контрола на печатени и електронски медиуми, ќе ги избрише одредбите за програмски надзор врз медиумите, ќе ги намали предвидените казни, а со тоа ќе се избегне опасноста саморегулацијата да се претвори во самоцензура и ќе обезбеди заштита на медиумите од преплатените  владини кампањи.

Јавната расправа, според СДСМ, е решение само ако биде основа за нов закон.