Штип: Свечено пречекани македонските војници кои беа во мисијата ИСАФ во Авганистан

Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска свечено беа пречекани 155 професионални војници кои беа дел од 14. ротација на мировната мисија ИСАФ во Авганистан. На свеченоста присуствуваа, министерот за одбрана Талат Џафери, началникот на Генерал штабот на АРМ, генерал-мајор, Горанчо Котевски и амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.

Министерот, Џафери истакна дека македонските војници уште еднаш покажаа дека се рамноправни со колегите од НАТО-алијансата и ги потврдија сите вредности искажани на самитот за проширување во Букурешт пред пет години.

-Припадниците на Армијата и Mинистерството за одбрана уште еднаш покажаа дека цврсто стојат на ставот дека тие вредности треба да ги сочуваат и одржуваат и понатаму, рече Џафери.

Тој демантира дека во Авганистан заминале војници кои не се доволно обучени. Исто така и од страна на НАТО е истакнато дека во мисијата ИСАФ се испраќаат македонски војници кои се обучени и се враќаат со позитивни мислења и пофалби од страна на НАТО.

Амбасадорот на САД во земјата Пол Волерс истакна дека е многу задоволен што Македонија е партнер и пријател на САД. - Ние се надеваме дека Македонија набрзо ќе стане членка на НАТО и никој не посакува повеќе од САД да ја види Македонија во НАТО што е можно побрзо, рече Волерс.

-Ние досега многу пати сме рекле дека го подржуваме дијалогот и обидите за разговор секако во продолжение на процесот кој го води Нимиц и секогаш ќе до подржуваме дијалогот и обидите да се направи договор преку дијалог, вели Волерс.

Армијата на Република Македонија со истиот број на војници останува дел од мисијата ИСАФ во Авганистан до 2014 година.

ФОТО: Утринскиот

најчитано сега