Со 450 илјади американски долари започна реновирањето на болницата „8 Септември“

Во Градската општа болница „8 Септември“ денеска почнаа градежните работи на реновирање и доизградба на две операциски сали, a вредноста на проектот е 450 илјади долари.

На денешното почнување на градежните работи присуствуваа американскиот амбасадор Пол Волерс, министерот за здравство Никола Тодоров и началникот на болницата д-р Стојчев.

- Овој проект не само што ќе ги подобри условите за здравствена грижа на граѓаните на Македонија, туку исто така ќе овозможи да се подобрат капацитетите и вештините на докторите и хирурзите во болницата, рече амбасадорот Волерс кој од име на Амбасадата е одговорен за спроведување на проектот.

Министерот Тодоров заблагодарувајќи се, како што рече, за оваа исклучително значајна донација која доаѓа во еден од стожерите на македонското здравство во Градската општа болница „8 Септември“ која во изминатите неколку години доживува силен препород како во поглед на опремата што ја добива, така и во нов кадар, високо остручен за најсложени медицински предизвици. - Болницата има континуиран раст на бројот на пациенти што само по себе говори за интересот на граѓаните да добиваат услуги токму во оваа здравствена институција. Иако Градската општа болница „8 Септември“ е болница на градот Скопје таа сериозно ги има надминато границите на градот Скопје и дава здравствени услуги на пациенти практично од целата држава, подвлече Тодоров.

- Во овие сали покрај редовната секојдневна работа ќе се врши и обука на доктори и друг медицински персонал за мировни мисии под водство на НАТО. Поради тоа се обративме до Европската команда на Армијата на САД која имаше разбирање за нашите потреби и  излезе во пресрет на нашето барање за донација од 450 илјади долари, посочи Стојчев.

ФОТО: МТВ

Двете сали со квадратура од 30 односно 37 метри квадратни ќе располагаат со сите неопходни придружни простории, стерилизација, соба за вовед во анестезија, две соби за будење, како и најсовремена климатизација. 

најчитано сега