Димовски: Условниот увоз на пченица ќе биде укинат кога така ќе оцени Владата

Одлуката за воведување на мерката за условен увоз на пченица и брашно ќе биде укината кога ќе процени Владата, односно Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство дека се исполнети два услови. Првиот дека во целост е извршен откупот на домашната пченица и оти се создадени услови за стабилизирање на пазарот со брашно, истакна денеска минстерот за земјоделството, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски за време на пратеничките прашања во македонското Собрание.

- Доколку сега, како што вие барате, излезам со датум со кој ќе се обврзам дека ќе биде укината мерката врз основа на сознанијата кои вие ги имате би било крајно несериозно од мене. Во исто време, во целост би се загрозил редовниот откуп на пченицата кој изминатите денови доби една задоволителна динамика со која се задоволни и откупувачите и во исто време и индивидуалните производители на пченица, рече Димовски.

ФОТО: Алфа