Скопје се сеќава - одбележани 50 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации ја одбележува 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Бројни делегации и граѓани утрово положија  цвеќе пред споменикот на загинатите во скопскиот земјотрес на Градските гробишта во Бутел.

Почит на жртвите изразија претседателот на Собрабнието Трајко Вељаноски, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, претставници на кабинетот на претседателот на Владата, делегации на политички партии, од сите општини во градот, од Црвен крст, на АРМ,...

Цвеќиња на гробиштата на загинатите од земјотресот, положија и официјални странски делегации меѓу кои од Албанија, Австрија, Белгија, Бугарија, НР Кина, Хрватска, Република Чешка, Франција, Германија, Унгарија,  Иран, Италија, Јапонија, Холандија, Полска, Руската Федерација, Србија, Словенија,  Шведска,  Шпанија,  Швајцарија,  Турција, Украина, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, САД, како и делегација од Европската унија и Обединетите нации и УНИЦЕФ.

Се одржа и традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје, а во спомен на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ беше отслужена Заупокоена литургија и Панихида.

Градоначалникот Коце Трајановски денеска се сретна со претставници од збратимените градови и земјите кои му помогнаа на Скопје по катастрофалниот земјотрес.

- Изразивме благодарност за помошта што му е дадена на Скопје, се потсетивме на земјотресот во 1963-та, зборувавме како градот изгледал пред тоа, како се развиваше потоа, во последниве години и како ќе се развива понатаму, изјави Трајановски по средбата.

Масовното присуство на странските претставници, јасно покажа, додаде, дека Скопје не е заборавен град.

- Ние се сеќаваме на нивната помош, а тие дека помогнале во обновата на градот што ми е особено драго, истакна Трајановски.

Официјалната програма ќе почне во 19 часот со поетско читање „За Скопје со љубов“ пред Музејот на Град Скопје. Во просториите на Музејот, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „26 јули 1963“, а Град Скопје на сите земји кои по големата катастрофа ја покажаа својата солидарност и испратија помош ќе им додели благодарници.

На плоштадот „Македонија“ во 21:30 часот ќе почне мултимедијалниот проект „Скопје се сеќава“, а Македонската филхармонија, актери и членови на Македонската опера и балет преку перформанси ќе пренесат приказни за љубовта, храброста и солидарноста – приказни од скопскиот земјотрес.

Ќе има и кино на отворено, меѓународна патувачка изложба „Show your hope“, 24-часовен филмски маратон со бесплатни филмски проекции на светски мегахитови,...

ФОТО: Дневник

најчитано сега