МНР: Нема информации за настрадани македонски државјани во Ница, ова се телефоните за контакт

До овој момент нема информации за повредени или загинати македонски државјани во терористичкиот напад во Ница, Франција. Во постојан контакт сме со надлежните француски институции, информираат за МИА од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Воедно од МНР на РМ изразуваат длабоко сочувство до семејствата на сите загинати и повредени во терористичките напади во Ница, како и најостра осуда на овие напади во кои животот го загубија над 80 граѓани, а неколку десетици се повредени.

За сите прашања поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментот се наоѓаат во Франција, од МНР упатуваат на Македонската амбасада во Париз.

Телефони: +331 45 77 89 63; +331 45 77 10 50; +331 45 77 10 73

Мобилeн телефон: +33 670 45 16 58

Адреса: 5, rue de la Faisanderie, 75116 Paris

Е-пошта: paris@mfa.gov.mk

Дописникот на МИА од Париз пак јави дека нема жртви и повредени меѓу Македонците кои живеат во градот Ница и соседниот Кан во терористичкиот напад што се случи синоќа во Ница.

Неколку македонски државјани кои живеат на Азурниот брег, посебно во градот Ница и соседниот Кан, во телефонски разговори на дописникот на МИА му потврдија дека нема повредени и жртви меѓу нашите сограѓани.

Елена Голомеова, која работи и живее на речиси самото место на терористичкиот напад, исто како и другите соговорници, изјави дека нема наши граѓани меѓу жртвите и повредените.

Голомеова потврди дека Променад деза Англе е затворена и оти на улицата се уште се наоѓа белиот камион, околу кој има полициски екипи.

Македонските државјани ги информирале своите блиски дека се во добра здравствена состојба и оти се на сигурно.

 

 
 
15.07.2016 - 16:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега