Јавна расправа за измени на Законот за Народен правобранител
Механизми за јакнење на институцијата Народен правобранител преку финансиска независност, промена на начинот на вработување и одвојување на неговата стручна служба од државната администрација, поинтензивна комуникација и ангажман на Собранието во ефектурањето на препораките од омбдусманот…
Тоа се дел од препораките изнесени на денешната јавна расправа за Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за народен правобранител, на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедници.
– Законските измени се дел од Итните реформски приоритети за Македонија од Европската комисија содржани во Извештајот на Прибе и со нив се врши усогласување со Париските принципи, со препораките на Групата искусни експерти за системски прашања за владеење на правото, како и со одредбите на Факултавниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид сурово, нечовечко или понижувачко постапување или канзување, рече заменик-министерот за правда Билјана Бришковска Бошковски.
Со измените, појасни, се уредува материјата за воведување промоција на човековите слободи и права, како и зајакнување на мандатот на Народниот правобранител, плурализам и зајакнување на независноста на оваа институција. Ќе се исполнат поставените критериуми за добивање стаус А за Национална институција за човекови права и се врши усогласување со меѓународно ратификуваниот документ за формирање посебно одделение за превенција од тортура.
Народниот правобранител Иџет Мемети оцени дека предложените измени се исчекор во насока на тоа институцијата што ја раководи да се претвори во национална институција со широка независност и мандат и која на многу поефикасен начин ќе може да ги промовира и превенира повредите и да ги заштити правата на човекот.
Според Мемети, Собранието на пленарна седница треба да може да расправа доколку има попречување на работата на Омбдусманот, кој пак пред законодавниот дом би иницирал одговорност на носители на функции кои евентуално би ја попречиле неговата работа. Мемети смета дека треба да се најдат начини за почитување на препораките од Народниот правобранител и истакна дека еден од Париските принципи предвидува дека не може да функционираат капацитетите на оваа институција ако не се обезбеди независност на финансиите и на човечките ресурси. Вработените, нагласи, не треба да имаат статус на државни службеници.
Според професорот Светомир Шкариќ, Народниот правобранител не може да биде креативна институција, да нотира недостатоци и уназадувања и со својата работа да придонесе да ја врати довербата во државните институции, без креативен кадар и ако не одлучува за негово вработување, број и профил.
– Не може Владата да биде клучна во димензионирањето на сите финансии за сите институции. Мора Собранието да биде тој фактор што ќе се избори за таква позиција на Народниот правобранител, рече Шкариќ, истакнувајќи дека се потребни коренити промена во статусот на Народниот правобранител, кој треба да функционира со недржавни методи, со поддршка на Собранието на кое му се на располагање широк спектар правни и политички методи.
Пратеничката Роза Топузовска Каревска рече дека со законот не се нуди целосна финансиска независност, сопствен буџет и зголемување на човечките ресурси на Народниот правобранител. – Законот има многу недостатоци и недоречености, рече Топузовска Каревска, забалежувајќи дека не може да се промовира заштита на човековите права самно со објавување годишни извештаи и оти треба одговроност за секој кој ќе ја попречува неговата работа.
Заменик министерот Бришковска Бошковски, коментирајќи ги ставовите за потребата од финансиска независност на Народниот правобранител, реле дека неговата финансиска позиција во Македонија е независна и оти сите аспекти се наведени во Законот.
– Усогласувањето на Законот во најголем дел се однесуваше на Факултативниот протокол поточно дека за функционирање на Народниот правобранител, односно за Националниот превентивен механизам, државата треба да преземе обврска да стави на располагање потребни ресурси. Тоа е исполнето со член 32 каде е предвидено како се носи буџетот во делот на Народниот правобранител и во делот на Народниот правобранител за Националниот механизам. На Народниот правобранител му се дава и право наместо досегашното решение да се произнесе на пленарна седница за предложениот буџет за него, да има право уште во рамки на комисиската расправа за буџетот да предлага амандмани кои ќе се однесуваат на потребните ресурси, рече Бришковска Бошковски.
Таа додаде дека не се согласува оти Владата врши контрола на вработувањата на стручната служба и потенцира дека со донесените закони за државната администрација имаат начини и критериуми за вработување што ќе овозможат поголем квалитетот на администрацијата.
За забелешките и предлозите од јавната расправа, како што најавија дел од пратениците, ќе бидат поднесени амандмани на текстот на Предлог законот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа