Јавниот и државниот долг намалени за над 50 милиони евра

За над 50 милиони евра се намалени државниот и јавниот долг во вториот квартал годинава. Согласно податоците кои ги објави Министерството за финансии на својата веб-страна, државниот долг заклучно вториот квартал годинава е 36,9% од БДП, што споредено со претходниот квартал претставува намалување за 0,6 процентни поени, или за 59,5 милиони евра. Јавниот долг пак е 45,3% од БДП, што споредено со претходниот квартал претставува намалување за 0,6 процентни поени или за 56,9 милиони евра, пишува Лидер.

Во вториот квартал годинава, Владата изврши исплата на обврзниците за денационализација во висина од 12,1 милиони евра, и емитуваше нова 15 –та емисија на обврзници за денационализација во вредност од 12 милиони евра.

Од Министерството за финансии велат дека и кај состојбата на државните хартии од вредност има намалување од 50,5 милиони евра, што е во насока настратегијата за намалување на домашното задолжување со цел ослободување повеќе средства за кредитирање на корпоративниот сектор. Исто така, од Министерството велат дека во овој период биле отплатени доспеани обврски од кредитни аранжмани.

Согласно проекциите на Министерството за финансии, како што неодамна изјави министерот за финансии Кирил Миноски, до крајот на годината јавниот долг ќе се задржи под 50 отсто од бруто-домашниот производ, што е под Мастришкиот критериум од 60 отсто. До крајот на годината, како што најавија од Министерството, ќе се исплатат доспеани обврски во вредност од 180 милиони евра.

 
 
29.07.2016 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега