Топлото време донесе гужва по болниците - еве како да се заштитите од пеколот

Граѓаните да конзумираат здрава и свежа храна и безбедна вода за пиење за време на топлотниот бран што ја зафати Македонија, препорачува Институтот за јавно здравје кој денеска одбележува 89 години од постоењето.

- Засега остануваат општите препораки за населението - да се јаде здрава храна богата со многу овошје и зеленчук кои треба да се добро измиени за да се превенира од цревни заболувања. Треба да се пие и безбедна вода, а доколку се користи флаширана вода, таа треба да се чува на темно и ладно место. Препорачуваме да се внесуваат многу течности, а да се избегнуваат кофеинските пијалоци кои предизвикуваат поголема жед, изјави професор д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје.

Кочубовски информира дека во одредени региони поради високите температури има зголемување на бројот на прегледи, но досега не е регистриран смртен случај од топлото време.

- Има зголемување на прегледите во деновите кога имавме жолта фаза, но тоа не е многу големо зголемување и зависи од регионот. Во Скопскиот регион во изминатите два месеца имавме до 20 проценти зголемување во однос на истиот период претходните години, но во другите региони немавме зголемување така што се зависи од тоа каде сте. Досега нема регистрирано смртен случај од високите температури, нагласи Кочубовски.

најчитано сега