Подобри денови пред рударскиот сектор: Инвестициите ја менуваат сликата

Пред македонскиот рударски сектор се подобри денови. Инвестициите ја менуваат сликата, се зголемуваат производството и вработеноста, се влијае на растот на индустријата и на БДП. Рестартирањето на „Злетово“ и на „Тораница“, изградбата на комплексот во Казандол, вложувањата во „Иловица“ се најава за позитивни ветришта во рударскиот бизнис, пишува Лидер.

Овој сектор од година на година станува сè поважен за домашната економија, особено што оваа Влада е посветена на доделување концесии за целосно искористување на расположливите потенцијали.

-Во секторот рударството и вадење камен се активни 173 компании, кои учествуваат со 10,1% во структурата на индустриското производство, додека кај преработката на неметали и минерали се активни 332 компании со учество во структурата со 5,14%. Бројот на вкупно вработени изнесува околу 12.600 работници со учество од околу 1,7% во вкупно вработените во земјата, вели претседателот на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов.

Владата ги поттикнува инвестициите во овој бизнис

Од Владата велат дека се посветени на привлекување нови инвестиции во рударството, бидејќи тоа влијае на домашната економија, се стимулираат производството и извозот, се отвораат нови работни места.

-Се рестартира производството во рудниците, се раздвижува индустријата за минерални суровини и руди, се подобрува регионалниот економски развој, се креираат дополнителни работни места, а со тоа се влијае на намалување на невработеноста и на зголемување на индустрискиот раст, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Тоа го потврдува и првиот човек на МАР, експлоатација на минерални суровини се врши на 378 локации во земјава.

-Доделени се концесии за истражување на 34 локации од кои 13 локации се за метали и тоа: бакар, злато, сребро, олово и цинк. Концесиите за истражувања најчесто се доделени на странски компании, што говори дека постои голем интерес за развој на рударството во мала земја која има потенцијали и рудни резерви, вели Николов.

Милиони во Валандовско – нов рудник по 4 децении

Македонија има богата рударска историја, но голем дел од капацитетите беа оставени на забот на времето од претходните гарнитури. Капацитетите се затвораа, пропаѓаа цели градови.

Сега има обратен тренд. По цели четири децении почна изградба на целосно нов рударски компекс во Казандол во Валандовско. Инвестицијата на „Сардич МЦ“ од 35 милиони евра ќе отвори 250 директни работни места, а ќе повлече и ангажман за градежните компании.

-Како Влада изминативе години реализиравме голем број проекти со кои дополнително се подобруваат условите за живот. Оваа инвестиција на „Сардич МЦ“ е значајна и за градежниот сектор. Се обезбедува работа за домашните градежни компании во вредност од 15 милиони евра и ангажирање на дополнителни 150 градежни работници кои ќе работат на изградба на објектите и на инфраструктурата во рудникот, изјави премиерот на земјава, Емил Димитриев.

Новата инвестиција ќе го поттикне локалниот економски развој, ќе придонесе за намалување на невработеноста, ќе повлече ангажман на градежни компании, ќе ги зголеми извозот и индустриското производство, особено што инвеститорот има и други планови за земјава.

-Планираме да инвестираме во Старо Нагоричане, каде што се планира 10 пати поголема инвестиција, околу 350 милиони евра. Многу сум и благодарен на Владата на Република Македонија дека ни дава можност за многу краток рок да завршиме со геолошко истражување  и да започнеме со изградба на комплексот, за по една година да почнеме со производство. Политиката на отворени врати за инвеститорите е добра, изјави инвеститорот Владимир Скубенко.

Нови ветришта во „Злетово“ и во „Тораница“

Владата не ја заборави маката на рударите од „Злетово“ и од „Тораница“. Ги реши наследените проблеми од „Индоминерали и метали“, рудниците отидоа во рацете на бугарски „Минстрој“. Заостанатите плати се исплатени, рударите се враќаат на работа.

-Се радувам што напорите кои ги започнав уште како премиер и коишто подоцна продолжија дадоа резултат, во Пробиштип повторно се враќа рудникот, рударите се враќаат на работа. Целта е да се вратат сите вработени, дури и оние кои заминале во некоја од околните држави. Ова ќе се одрази врз невработеноста, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Концесионерот на „Злетово“ и „Тораница“, бугарската компанија „Минстрој“ вети враќање на сите работници, безбедни услови за работа, повисоки плати. Само во „Злетово“ се реализира инвестиција од 20 милиони евра, а оваа компанија веќе ги прави подготовките и во „Тораница“.

Само за потсетување, рудникот за олово и цинк „Злетово“ е најстариот активен македонски рудник.

Половина милијарда во Босилово!

Најголемата инвестиција во овој бизнис е на канадската компанија „Еуромакс ресорсис“. Вложува 500 милиони евра во Босилово, во рудникот „Иловица“ за бакар и злато. Се вработуваат повеќе од 400 луѓе. Истражувањата покажуваат дека се работи за едно од поголемите наоаѓалишта на руда, со резерви од над 500 милиони тони. Годишиот капацитет на „Иловица“ се проектира на 10 милиони тони руда, а производството на 2,7 тони злато и околу 16 илјади тони бакар.

Вработување за 2.700 луѓе!

Новите инвестиции во рударскиот сектор во следните две до три години ќе донесат 2.700 нови работни места. Рудникот во Казандол, „Злетово“ и „Тораница“, „Иловица“, рудникот во Старо Нагоричане – инвестициите ќе ја намалат невработеноста, ќе го поттикнат економскиот раст.

-Во Македонија има и рудно богатство и едуцирана работна сила која може да биде вклучена, со што се создаваат услови за поголем развој, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Учеството на рударството во БДП на земјава надминува 1%, а голем придонес има во вработеноста и извозот од Македонија.

 
 
20.09.2016 - 08:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега