„Место за сите има - Еднакви под сонцето“

Невладините организации „Детски свет - Нов почеток“ и „Светот на дланка“ денеска во информативниот центар на ЕУ организираат настан со цел да  укажат на  еднаквоста кај лицата со сетилна попреченост со пораката „Место за сите има - Еднакви под сонцето“.

На настанот ќе биде потпишан Меморандум за соработка со Министерството за труд и социјална политика.

- Главната цел на настанот е достигнување воедначен развој на лицата со и без физичка попреченост на целата територијата на Република Македонија, како и создавање услови за воспоставување и промовирање инклузивни настани и иницијативи што промовираат интеракција меѓу децата и младите, информираат организаторите. 

Иноваторот и креаторот Никола Танчевски ќе ги претстави своите дела кои ќе го олеснат секојдневието на лицата со сетилна попреченост и комплетно ќе ги направат независни во сите сфери на живеењето.

- Додека некои ја гледаат физичката попреченост како препрека, постојат луѓе кои ја гледаат како можност, можност да се поместат границите во умот за да се успее и да се оствари нивниот сон. Затоа што зад секој успех стои труд, пасија и човек подготвен да се соочи со предизвиците на патот кон целта, изјави Суаред Алишан од „НВО Детски свет - Нов почеток“. 

Настанот ќе биде надополнет од млади музички таленти, кои своите сетилни препреки не ги гледаат како пречка за нивната музичка надоградба и творење. Ќе биде прикажано и видео на кое ќе говорат познати лица од македонската јавност за тоа како тие би придонеле за лицата со сетилна попреченост да бидат редовна публика на нивни музички настапи, изложби, модни ревии... 

 
 
21.11.2016 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега