Фалсификатори

СДСМ-фалсификаторска. Тоа треба да е вистинското име на оваа партија. Се што добила во политиката добила преку фалсификат. Сите избори на кои победила без разлика дали се претседателски или парламентарни биле победи со сторени измамнички дејствија вообличени во изборен фалсификат. Полнење на кутии, насилства, тепачки, убиства, притисоци, закани, тоа се методите со кои се служи оваа партија за да дојде на власт. Погледнете ги сите изборни циклуси до сега. Оваа партија нема освоено ниту една легална и легитимно чиста изборна победа. Стево Пендаровски може најдобро да објасни и да раскаже за тоа.   

Во 25 години независна и самостојна Република Македонија СДСМ нема победено ниту еднаш на регуларен начин преку почитување на Уставот и законите, како и преку почитување на волјата на македонските граѓани. Тоа е поразително, тоа е очајно, тоа сигурно мора многу да ја боли оваа т.н. „државотворна“ партија.

Замислете кој парадокс. СДСМ се претставува во јавноста како државотворна партија, а во своето политичко досие нема забележано ниту една вистинска, легитимна изборна победа, ниту една своја изработена изборна победа. Победа која ќе биде со полн легитимитет даден од македонските граѓани. Тоа е навистина болна политичка фрустрација која тлее во оваа партија 25 години. Фрустрацијата е поголема кога ќе се констатира дека зад секоја фалична победа на оваа партија не стои успехот на партијата, успехот на нејзиното раководство, туку секогаш, без исклучок стои некој странски центар на моќ.

Сетете се на победата во 2002 година. Откако по конфликтот во 2001 година странските сценаристи, меѓудругото, и во содејство со СДСМ ја клекнаа на колена Република Македонија, откако правно и политички ја осакатија со потпишувањето на македонската капитулација позната како Охридски Рамковен договор, во 2002 година им ја дадоа победата на СДСМ на тацна. Пирова победа освоена на грбот и за сметка на поништување, на грозоморно осакатување на највиталните интереси на државата. Две години потоа победата на СДСМ беше наплатена. Се случи територијалниот масакр на државата. СДСМ мораше да ги наплати сите испорачани фактури од странство. Мораше да обработи за интересите на оние кои го донесоа на власт. Територијалното прекројување на државата задскриено зад европската завеса, политичка децентрализација на власта која никаде и никогаш не е условена со територијални промени на границите на општините, туку со законско префрлување на надлежностите од централната на локалната власт, ја исфрли на мегдан вистинската политичка мизерија и лицемерие на оваа партија. Ја откри целта на нејзиното постоење на македонската политичка сцена.

А токму целта на нејзиното постоење не е македонска. Целта не е во согласност со интересите за зачувување на Република Македонија како унитарна, независна и самостојна држава. Тоа граѓаните на РМ најдобро можеа да го видат во изминатите две и пол години политичка криза, како и сега по одржувањето на изборите.

Лидерот Заев најбрутално се впушти во политичка авантура на распродавање на македонските национални интереси. Заев на највулгарен начин се обидува да ги урне столбовите на Македонската држава. Заев „месијата“ на најподол начин ја злоупотреби политиката и македонските интереси за свои лични цели. Тој намерно трасира „нов политички пат“ во земјата со проклет ниет политиката да ја сведе на панаѓур, на маалски пазар. Заев се впушти во релативизирање на се што е политичко, на се што е Македонско: македонски јазик, македонски идентитет, Македонска држава, Македонско знаме, химна, институции, власт. Според Заев се може да се релативизира, се може да биде предмет на политички договор, за се може да се водат политички преговори, и се е предмет на продажба. Кај овој човек нема никакви граници, нема разумни лимити. За Заев политиката е вселенска работа, а тој вселенско тело што лебди и месијанистички бара да се закачи за која било планета само и само да фати премиерска фотеља. Затоа е измислена БЕСА.  

Панаѓурот на Заев ќе потрае. Поднесените правно неосновани приговори на СДСМ и на БЕСА до ДИК го поткрепуваат тој факт. СДСМ која од уста не го извади владеењето на правото и почитувањето на законите, преку многу факти и дејствија во пракса покажа и докажа дека е партија што ги множи со нула овие принципи. Да почнеме од инсистирањето спротивно на Уставот да се инсталира СЈО во системот, преку инсистирањето да се воведат некакви технички министри и дополнителни министри во Владата на РМ, поими кои не се уставно познати. Понатаму, токму СДСМ инсистираше да се воведе мониторинг на медиумите во земјата преку создавање класично партиско тело за мониторирање на новинарите и нивната работа, нешто што не е ниту видено ниту чуено во светската медиумска пракса. СДСМ инсистираше да стави партиски послушник за главен и одговорен уредник на МТВ. СДСМ инсистираше да се направат бројни измени на Изборниот законик кои немаат за цел департизација и деполитизација на процесите, туку обратно. Оливер Спасовски, човекот кој постојано зборуваше за деполитизација на МВР, го направи најголемото партизирање во МВР во поновата македонска историја. Со внесување на разно-разни сомнителни и криминогени поединци во безбедносните структури во земјата, Спасовски го покажа вистинското лице, покажа колку СДСМ навистина одбира професионалност, законитост и непристрасност пред непотизам, партиска послушност и сервилност кон Заев.

СДСМ и натаму го пролонгира хаосот. Сведоци сме дека Заев сака да му ја одземе на народот чистата изборна победа. Сака да го закрви народот со подметнување кукавички јајца, со приговори кои немаат никаква правна логика и правна заснованост. Овие приговори можат да послужат само и единствено за замајување на граѓаните пред кои Заев многу ветувал, и многу лажел. Тој ветувал многу иако знаел дека од сето тоа нема да има ништо. Дека нема да може да испорача ништо. Токму затоа, поднесените приговори Заев ги гледа како последна сламка за која се фаќа, последен штит, а ДИК како орган кој ќе треба да го амнестира Заев од лажните ветувања и надежи со кои гордо и без ум се расфрлаше цела година по селата и градовите со доминантно албанско население како и пред албанската дијаспора. Заев не само што ја стави цела држава во залог, тој не внесе сите нас поединечно во заложничка драма за која никој не може да знае како ќе заврши, во кој правец ќе отиде. Заев штитејќи се себе си и сопствената глава, ја стави во торба државата, ги стави во торба два милиони граѓани, и ја стави на коцка нашата судбина и судбината на нашите деца.

Токму затоа Заев не смее да има последен збор...   

 
 
15.12.2016 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега