А кој вели дека Албанците се 20%?

Албанските партии во Македонија и СДСМ, како нивна златна рипка што исполнува желби, изгледа прават сметка без крчмар за законот со кој Македонија треба да стане двојазична земја. Првичната идеја зацртана во платформата на Еди Рама беше дека треба да се смени членот 7 од Уставот и во него да се запише дека покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, официјален јазик во РМ е и албанскиот и неговото писмо. Но, за таа операција е потребно двотретинско мнозинство, а без ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и албанските партии не можат да ја исполнат желбата на премиерот на Албанија. Оттука, им остана можноста да се обидат да донесат нов закон за употреба на јазиците и да се обидат тој закон го вклопат во некакви уставни рамки. И тука им се јавува проблемот. Имено, основата на таков закон е амандманот пет на Уставот на РМ, донесен врз основа на Рамковниот договор од Охрид. Иако амандманот во некои делови излегува надвор до Рамковниот, тој е завршена работа, но без оглед на тоа, неговата суштина е дека тој се врзува за таа етничка заедница во РМ, покрај македонскиот народ, која брои најмалку 20 отсто од вкупната популација на државата. Амандманот во оваа смила е мошне прецизен и вели: - На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. - Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член. Значи с` што следува натаму во амандманот пет е врзано за тие 20 отсто. Работата е што во овој момент, никој во оваа држава не може да каже која заедница, покрај македонскиот народ брои најмалку 20 отсто од населението за да може кој било закон во оваа смисла да најде потпора во амандманот и, што би рекле великите умови на странците што ја продуцираа кризата во РМ, да има кредибилност. Последниот попис е одржан пред 15 години, а последниот закон што ја регулира оваа област е од 2008 година, значи шест години по пописот. Меѓународен стандард за попис е 10 години, иако има и земји што пребројувањето го вршат на пет години. Но, не постои земја што може да прави каква било анализа врзана за нејзината демографија, уште помалку земја што може да донесе прецизен закон за така суптилна материја каква што е употребата на јазикот, врз основа на попис спроведен пред деценија и пол. А, да повториме, според амандманот пет, токму процентот од 20 отсто е клучен за да може законот на СДСМ и албанските партии да има каква било уставна основа. С` на с`, СДСМ се готви да донесе закон што нема уставна подлога и кој веројатно нема да може да ги мине правните филтри во државата. Се разбира, тоа ќе значи дека тие ќе се обидат насила да го заокружат целиот процес со законот, но тоа е веќе влегување во други води. Во овој момент тие, без попис, не можат да донесат никаков закон што би претендирал на сериозна уставна подлога и носењето на тој закон не само што е сметка без крчма туку, во крајна инстанца, однапред повикување на сценарио за улични пресметки

Дарко ЈАНЕВСКИ - Дневник

 

 

 

 

27.02.2017 - 22:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега