Стоилјаден пречек за Хан

Борис Дамовски и останатите можеби имаат, а можеби поради зафатеност и немаат претстава каква ѓурултија им направија на странците, на другарот Џес Бејли и на Брисел, почнувајќи од другарката Могерини, господинот Хан и да не ги редиме надолу по хиерархија сите бирократи, с` до мивката Ван Хут, кој се јави пред некој ден. Сите тие, пред с`, првите од овој список, досега ќе му седнеа на глава на претседателот Иванов, па ќе станеа, па ќе скокаа малку врз неа, па пак ќе му седнеа с` додека не му го дадеше мандатот на нивниот миленик и пулен Зоран Заев, последната алка во криминалниот случај „Пуч“ поради кого нивното СЈО (нека не се покрива Јанева со тоа дека била гласана од сите пратеници) ја донесе онаа срамна одлука за повлекување од случајот.

Прашањето е во што се состои таа ѓурултија и што е тоа што оваа компанија не го знае и што е тоа од што се плаши? Имено, ако тоа што им се мота по главчињата му го направат на Иванов, не знаат каков одраз ќе има врз народот кој секој ден е на улиците и кој, за разлика од нивните шарени платеници, ова го прави затоа што си ја сака државата, а не за пари и за пратенички места. Една претпоставка им е дека ако отворено го нагазат претседателот, народот може да се уплаши и да се повлече. И тоа им ја топли душата. Арно ама студениот туш доаѓа од другата претпоставка, која вели дека ако отворено го притиснат претседателот, истиот тој народ може да се радикализира. И ако денес излегле 10 или 100 илјади на улиците, утре може да ги има двојно, па и тројно. Па при тој народ, дури и со даден мандат од Иванов, нека повели Заев да составува влада со Села и со Теута Арифи.

Оттука и срамежливата најава за доаѓањето на Јоханес Хан во Скопје (освен што комуњарите го чекаат како што грчкиот режим ги чекаше британските и американските авиони при граѓанската војна) - ќе дошол како пријател на Македонија да ~ помогне. Се разбира, како и било поинаку, зар не? Не сме глупави ние, па да не знаеме дека сите овие амбасадори и комесари умираат од љубов кон нас!

Така што, без оглед на с`, нивната дилема е колку луѓе ќе има на улиците и колку ги има такви што вчера-денес не излегле надвор од разни причини, ама ако им зоврие во главата, а за тоа треба какво било чувство дека странците го нагазуваат Иванов, се подготвени да ја остават правосмукалката, да ја закачат кујнската престилка, да ја викнат бабата да го чува детето и да излезат надвор. И вториот момент што им е загатка е - колку тие луѓе може да издржат. Односно, колку имаат кондиција. Процените очигледно им биле дека за 3-4 дена луѓето ќе се испукаат, ќе се извикаат и после ќе си седнат дома со плеталото в раце гледајќи телевизија. Но, сето ова трае 20-ина дена. Тоа е првото изненадување. Второто изненадување е што во протестите има луѓе како оперскиот пејач Дурловски, да не ги редам сега сите други, на кои тешко можеш да им закачиш некој моронска етикета од стандардната лепеза на странските платеници од домашен производ (ете, пробаа ајваните со Kире Лазаров, па направија само полошо, гледано од нивен аспект). Згора на тоа, кога на Дамовски како контрапункт ќе му истопориш некој како Трифун Kостовски, кој за Македонците одамна важи како досега невиден и нероден интелект од овие простори и кој згора на тоа е еден од симболите за гревовите што македонските партии во овие 25 години му ги сторија на истиот народ кој сега е на улиците, тогаш стратегијата на странците е длабоко заглавена.

 Во ваква ситуација нивна надеж е дека луѓето сепак ќе се изморат. Дека како ќе минува времето, така протестите ќе ослабуваат. И затоа се во дилема: ако направат некоја глупост (а да немате дилема дека веќе утре би ја направиле), може самите да ја зголемат масовноста на протестите, а тоа е последно нешто што го сакаат. Од друга страна, ако премногу чекаат, ќе им се разводни работата. Во главите на луѓето с` повеќе ќе се вгнездува чувството дека може да победат и да си ја зачуваат државата во која и Зијадин Села стана некаков фактор, само ако се истрајни, па макар таа истрајност кај некого била и поради инает. За нив би било најдобро ако самиот Иванов се повлече од својот став, односно самиот се согласи да му го даде мандатот на Заев повикувајќи се на тоа дека тој собрал мнозинство од 67 пратеници и тука веќе нема што да се дискутира.

Затоа и се обидуваат да смислат некаква игра со избор на претседател на Собранието, па минатата недела дури се размислувало и новоизбраниот собраниски прв човек во отсуство на Иванов да му го даде мандатот на Заев, но очигледно сето тоа им се сторило прилично килаво и недоволно цврсто и убедливо наспроти тиранската платформа на Еди Рама, која ги извади луѓето на улица. Па додека, од една страна, се обдуваат зад завесите да го стават Иванов во менгеме, мора да внимаваат јавно тој дури и да не се сопне зашто јасно е како тоа ќе биде протолкувано од луѓето.

На тој начин странците влегоа во истата замка во која влегоа и со блокадата на приемот на РМ во НАТО и ЕУ: за да ја натераат Македонија да си го смени името, почнаа да им лепат проруски етикети на власта и на медиумите што не ги контролираат, а всушност со фактот што Вашингтон и Брисел ја поддржуваат Грција во спорот со нас тие оставаат отворен простор за руска игра на теренот. Со други зборови, токму Вашингтон и Брисел, на чело со Германија и до вчера со Велика Британија, на Балканот и во Македонија играат за Москва со која, нели, се во војна. Ете тоа е велелепната голема стратегиска игра на големите западни играчи, која само на прв поглед носи ум во себе, а всушност е срамно глупава до степен на неверување. Kако и да е, во овој момент клучниот страв им е од луѓето што се надвор, чие расположение е такво што в понеделник и во вторник, а веројатно и целата наредна недела, ќе ги има како никогаш досега. Kолку да биде забележано и колку да биде домаќински пречекот на господата што ќе се обидуваат да глумат демек не сфаќаат зошто мандат не може да го има тој што има 67 потписи.

А одговорот е многу јасен - зашто тоа не се потписи на 67 македонски пратеници, туку тоа се потписи на Еди Рама, кој ниту е македонски државјани ниту учествувал на изборите. Се разбира, на Брисел и на емисарот Хан, во тоа бидете сигурни, ни на крај памет не им паѓа да го осудат мешањето од надвор во внатрешните работи на Македонија, посебно пак не во случајот со Рама е обидот за прекројување на Македонија. Но, ете, и тоа е дел од затворениот круг од кој се обидуваат да најдат излез на сила, со репресија, не само врз политичарите, туку и врз медиумите, со тоа што се надеваат дека „уличарите“ таа репресија нема да ја видат. За да не им газат на жуљ. Инаку, неделева беа одржани и изборите во Холандија.

 

Не знам кој забележа, ама самите холандски медиуми објавија дека дента имало потреба да се допечатуваат гласачки ливчиња поради големиот одѕив. Можете ли тоа да го замислите? Можете ли да замислите дека во таа земја, која се расфрла со пари во Македонија, финансирајќи екскомунисти и нивни наследници, немаат поим колку ливчиња им требаат? Во една нецивилизирана Македонија, која, ете, братска Холандија се мачи да ја цивилизира, вакво нешто се случи само на криминалните избори во 1994 година. И никогаш повеќе. Бидејќи во основа се работи за едноставна операција: имаш толку и толку избирачи, немаш странски амбасадори кои ќе најдат платеници да тврдат дека имаш фантоми, сите тие имаат гласачко место и толку ливчиња печатиш. С` друго надвор од ова е комедија.

Дарко ЈАНЕВСКИ - Дневник

 

 

 

19.03.2017 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега