Попоски на средби во Белата Куќа

 Потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи Никола Попоски вчера ги имаше првите директни средби во Белата Куќа, со претставници на новата администрација на претседателот Доналд Трамп. За време на неговата посета на Вашингтон, каде престојуваше на самит посветен на борбата против ИСИС организирана од државниот секретар Рекс Тилерсон, Попоски се сретна со претставници на Советот за национална безбедност на Трамп, како и со претставници на Стејт Департментот и повеќе конгресмени.

"Средбите се пред се во насока на воспоставување на директна комуникација со новата администрација во Вашингтон на претседателот Трамп. Во овој контекст е многу значајно што обезбедуваме поддршка од поголем број на конгресмени кои имаат значајна македонска заедница во областите каде се избрани. Во оваа насока сметам дека и во Конгресот и во новата администрација во Белата куќа и Стејт Департментот најзначајно ќе биде Македонија да се најде на агендата за поддршка во остварување на нашите стратегиски цели", Попоски изјави за Македонската Телевизија. Според Министерот Попоски, главни теми на разговорите биле состојбата во Македонија и регионот, како и начините на подобрување на американско-македонските односи. Попоски ја истакнал потребата од американски ангажман во регионот и од зачувување на стабилноста на Македонија.

"Значајно е Америка да остане ангажирана во нашиот поширок регион. Разговаравме секако и за регионалниот контекст, за потребата за стабилизирање на целиот регион и одржување на перспективите за интегрирање во регионот. Она што е значајно и од наш аспект е да ги запознаеме со сите напори кои ги имаме направено во изминатиот период за подобрување на регионалната клима и зголемување на соработката со сите наши соседи. Македонија впрочем е докажано дека е фактор за стабилност. Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион, но исто така занемарување на важноста на Република Македонија може да остави простор за дополнителни дестабилизации. Тоа е нешто што не е нити наш регионален, нити македонски интерес, уште помалку американски интерес", додаде Попоски.

Во Конгресот, Попоски се сретнал со некои од конгресмените кои се меѓу истакнатите поддржувачи на Македонија, како Дејв Трот од Мичиген и Бил Паскрел од Њу Џерси. За време на посетата на Вашингтон, Попоски се сретнал и со претседателот на Националниот демократски институт Кенет Волак, како и со Македонците кои живеат во Вашингтон, а присуствувал и на трибина за Македонија организирана од Коалицијата на Југоисточна Европа во седиштето на Обединетата Македонска Дијаспора.

 

 

 

24.03.2017 - 09:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега