Излез од македонската криза ќе се бара на лидерска средба?

Дали излезот од политичката криза во Македонија ќе се бара преку лидерска средба?
Ако се прашува СДСМ, одговорот е не.

„Ние имавме лидерски средби, по основ на тие лидерски средби беше постигнат договорот од Пржино. Крајната цел на тие договори беше одржувањето на парламентарни избори. Резултатите од тие избори никој не ги оспори, вклучително ни ВМРО­ДПМНЕ. Не можеме ние заради неостварена желба на Груевски да си играме избори сѐ додека него не му се погоди парламентарното мнозинство“, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

За ВМРО-ДПМНЕ пак тоа е еден од начините за да се најде решение за актуелните проблеми.

 

„Почитувани колеги, ги рушиме рекордите, веќе 17 дена бараме дебата и одговор на прашањата. За жал, она што го избра СДСМ е несреќно решение за Македонија. Според мене, повеќе од јасно е дека е време да се седне на заедничка маса и да се отворат сите прашања и да се решаваат со компромис. Освен седнување на заедничка маса и отворање на сите нерешени прашања кои задираат во уставниот поредок на земјава, не може да пројдат освен со заеднички дијалог и наоѓање на компромис. Во неколку наврати реков и уште еднаш ќе упатам апел за лидерска средба за добро на Република Македонија“, рече вчера од собраниската говорница пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски.

Во ДУИ немаат проблем со тоа лидерите да седнат на заедничка маса и да бараат решение на проблемот. Од партијата велат дека секој обид да се дојде до решение е добредојден, а лидерот Ахмети неодамна по средбата со шведскиот дипломат Билт рече дека решението на проблемот лежи во договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

За дел од експертската јавност ваквиот став на Ахмети беше протолкуван како ветер во грб за ВМРО-ДПМНЕ, особено ако се знае дека од Мала речица не се согласуваат со било каков начин на решение на кризата кој е надвор од институционалните текови.

Во партијата на Зијадин Села, која и нема некое големо влијание во Собранието со своите 3 пратеници се против лидерска средба, додека во БЕСА се воздржани.

 

 

 

25.04.2017 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега