Заврши снимањето на боливудскиот филм „Vijay 61“ во Скопје

Заврши снимањето на првиот боливудски филм во Македонија. Акцискиот трилер „Vijay 61“ во режија на индискиот режисер Арун Кумар – Атле се снимаше во Македонскиот народен театар од 1 до 9 мај, со тоа што последниот ден завршните кадри од филмот беа снимени на плоштадот во Скопје.

Како што соопшти „МИНД продукција“, „Vijay 61“ го означува влезот во Македонија на една од најголемите продукции во Индија, но и во светот, Боливуд, кој се смета за пандан на Холивуд, иако е далеку поголем со продукција од 2.000 филма годишно. Влегувањето на Боливуд е резултат на долгогодишната работа на македонскиот продуцент Дејан Илиев, кој заедно со локацискиот менаџер од Индија, Натарајан Рамџи ја основаа продуцентската куќа „МИНД продукција“ и го обезбедија снимањето на овој огромен проект во нашата земја.

Снимањето на филмот почна на 1 февруари. Зад филмот стои големата индиска продуцентска и дистрибутерска куќа „Шри Тенандал Филмс“, која постои од 1976 година и работи во сите регионални филмски индустрии во Индија. Филмот се снимаше во Индија и во Македонија, а продолжува во Полска, во Краков и во Гдањск. Завршувањето на филмот продуцентите го најавуваат за крајот на годината. 

Филмската екипа од Македонија ја сочинуваа 50-тина луѓе и беше вклучена во речиси сите сегменти, во продукцискиот дел, сценографија, на која работеше Влатко Зафирковски, костимографија, за која беше ангажиран Раде Василев, шминка, светло, сцена, пиротехника, транспорт. На филмот беа ангажирани 750 статисти кои играа полицајци, новинари, фоторепортери, како и публика бидејќи, како што се наведува, сцената која се снимаше кај нас ја претставува сцената што во филмот се случува во еден париски театар. Во филмот учествувале актери, балерини, танчери, кореограф или над 1.000 луѓе од Македонија.

„МИНД продукција“ соопшти дека во Македонија пристигнала екипа од 70 луѓе од Индија, предводена од „Шри Тенандал Филмс“, локацискиот гуру Натарајан Рамџи, режисерот Арун Кумар, познат како Атле, но и големите ѕвезди на индискиот филм Џозеф Виџеи Чандрашекар и С.Ј.Сурија, кој освен актер е и сценарист, режисер, продуцент, композитор, пејач.

Рамџи најави дека следната година во Македонија ќе се снимаат 20 боливудски филмови. Македонскиот продуцент Илиев изјави дека веќе се работи на тоа да се донесе следниот боливудски филм, а можно е продуцентската куќа „Тендали“ својот следен филм да го снима во Македонија. 

 

 

 

11.05.2017 - 14:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега