Иванов: Амнестија и за обвинетите и осомничените во насилствата од 27 април

„Можеме да кажеме дека сето она што беше загриженост, што беа вознемирени нашите граѓани, сето она што беше во јавноста присутно дека се загрозува унитарноста, дека имаме загрозување на независноста на државата, дека се отстапува од рамките на Уставот, Охридскиот договор и сето она што е наша рамка, сега имаме гаранции дека тоа нема да биде случај и затоа граѓаните од тој аспект може да бидат спокојни“, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 откако денеска му го врачи мандатот за состав на влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„За среќа, се надминуваме полека и се надевам дека со денешниот ден влегуваме во фаза кога ќе си добијат тек сите настани и ќе може оваа длабока политичка криза што ја имаме да дојде до својата завршница“, рече Иванов.

Тој оцени дека врачувањето на мандатот е чекор кон надминување на состојба што трае повеќе од две и пол години и смета дека е создаден преседан за во иднина.

„Со денешниот ден, создаваме преседан за идните мандатари да не бидат уценувани, да не бидат условувани, да не бидат под притисок за прашања за кои не може да се разговара, а тоа се прашањата дефинирани во Уставот, и ниедна партија не може да ги доведува во прашање, а тоа е унитарноста на државата, територијалниот интегритет, суверенитет, независноста на државата. Ниеден акт не може да ја доведе државата во подредена состојба и зависност од друга држава. Тоа се состои во денешната изјава на господинот Зоран Заев. Тоа ќе биде позитивен случај за сите идни мандатари, да не бидат доведени некој друг да ги уценува“, рече претседателот Иванов.

„Мислам дека треба да гледаме позитивно на нештата, да размислуваме позитивно. Навистина ни е доста од лаги, живееме во време на поствистина, премногу лаги имаме. Премногу лаги имаме, не реагирам затоа што ги оставам лагите сами да се демантираат. Сега навратете се сѐ што е напишано за мене, за сево ова, и ќе видите колку лаги, интриги и заговори, и што сѐ не е кажано.

Доаѓа период кога треба да ѝ се посветиме на иднината. Затоа што еден збор нема значење во минато време, зборот 'ако'. Тоа што било не можеме да го менуваме. Но тоа што доаѓа зависи од нас. Дали ќе имаме волја, дали ќе имаме желба да им нудиме надеж на идните поколенија, затоа што идните поколенија ќе се навраќаат на овој период и ќе кажат што сѐ сме имале можност, но сме испуштиле. Затоа да се посветиме на сето она што ни се стратешки цели, овој период да биде едно мачно и тешко учење, бидејќи демократијата е еден постојан процес на учење ако се посветите на неа. Да им се посветиме на демократските институции, на сите оние акти што ги имаме, да му се посветиме на сето она што значи стандард во демократијата и владеењето на правото и конечно, ако ЕУ не ни даде датум за почеток на преговорите, барем да ги отворат 23 и 24 поглавје, каде што се впрочем сите проблеми, сите кризи, што ни произлегуваат во државата. Со реформи, со прифаќање на европските стандарди, европски принципи, ќе имаме на некој начин релаксирање и меѓуетнички, и меѓурелигиски, и меѓујазично, бидејќи ќе ги задоволуваме европските стандарди“, рече Иванов.

„Доколку сакаат новите пратеници од новиот состав на Собранието да покажат акт на добра волја, на помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001. Сите тие емоции, сето она што се случуваше, не ѝ доликува на земја што еве, 26 години е независна. Меѓутоа имајте предвид дека ние во 2001 година имавме воен конфликт, па најдовме начин на помирување. Ако има доблест, новите пратеници во новиот состав на Собранието, ако сакаат да делуваат на смирување на општеството, да покажат акт на добра волја и помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестира воени злосторници, ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе што ги завела толпа или луѓе што учествувале во нешто што повеќе е израз на емоции“, рече претседателот Иванов.

„Не можеме да ги споредуваме двете состојби, затоа што аболицијата е право на претседателот. Јас упорно тврдам до ден денес дека еден ден кога ќе се декласифицираат сите информации кои ѝ претходеа на аболицијата, граѓаните ќе сфатат на што сѐ сме биле изложени. Тоа е право на претседателот и никој не може да го оспори тоа право. Тие насилни дејствија оспоруваа право на претседателот дадено со Уставот. Тој проценил дека со тој акт може да дојде до помирување, затоа што помилувањето беше во функција на помирувањето, на македонско-македонски конфликт. Ако можевме 2001 година, кога имавме македонско-албански конфликт, да амнестираме воени злосторници, зошто сега лидери на партии, едни во јавното обвинителство, другите во специјалното обвинителство, да не бидат помилувани за да се помират.

Но имајте еден факт предвид – помилувањето не го опфаќа конфискувањето на нелегално стекнат имот и правата на трети лица. Така што, залудни се сите обвинувања дека јас на некој начин сум помилувал криминалци. Секој што сторил зло дело, помилувањето не го ослободува. Помилувањето беше во функција на помирување, да можеме да ја надминеме кризата, која тогаш ја гледавме со сета нејзина длабочина и сериозност. Затоа, не можеме да го споредуваме тоа со ова што се случи во Собранието“, рече претседателот Иванов во интервјуто за Канал5.

За т.н. тиранска платформа Иванов рече дека донела многу негативна атмосфера, донела вознемиреност кај населението и донела страв кај многу луѓе.

„Оваа платформа ѝ донесе голема штета и на Албанија“, рече Иванов во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

„Не знаете што сѐ има поминато премиерот на Албанија, кој еден ден треба да каже кој сѐ дошол кај него и му кажал за тоа што го направил. Не е наивно во негов кабинет да дојдат лидери од друга држава за да можат да создадат нешто за да се основа влада во друга држава. Истото се однесува и на претседателот на Косово бидејќи и тој со изјавите придонесуваше за таа атмосфера и сега гледаме ако имаме предвид дека уште во месец февруари на министерскиот совет на ЕУ е разгледувано прашањето за тиранската платформа и тие информации излегоа во јавноста и тоа се знаеше дека не е само политички проблем, туку и безбедносен проблем, затоа што и други држави реагираат што можат да бидат последици од таквиот начин на водење политика. Овие прашања излегуваат од рамките на уставниот поредок“, рече Иванов.

 

 

 

18.05.2017 - 11:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега