ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи ребаланс на буџетот на Општина Центар

Со оглед на следните факти:

  1. Дека градоначалникот Андреј Жерновски континуирано се обидува да создаде партиски конфликти помеѓу граѓаните на Општина Центар.
  2. Не ги решава проблемите, туку нив ги злоупотребува за своја лична промоција.
  3. Општина Центар нема проекти кој што значат креирање на нова вредност во општината.
  4. Градоначалникот Жерновски сам се прогласи за ненадлежен градоначалник. Со оглед на овие факти советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во текот на следната недела ќе предложи ребаланс на буџетот на Општина Центар.

          Целта на овој ребаланс е средствата во висина од 9 милиони и 835 илјади денари, кои државните институции веќе ги имаат уплатено на сметката на Општина Центар, да се искористат за прецизна и конкретна намена.

          Намената на овие средства според нашиот предлог би била за обновување и подигнување на нови јавни зелени површини на територијата на Општина Центар.

          Со овој предлог на граѓаните ќе им овозможиме околу своето место на живеење да имаат многу повеќе зеленило, а на градоначалникот Жерновски ќе му оневозможиме да креира континуирани конфликти и кавги заради сечењето на петте стари дрва.

          На сметката на општина Центар, чиј градоначалник Андреј Жерновски сега се противи на изградбата, по основ комуналии за изградба на зградата за СРД,  на 10-ти и 11-ти јуни се легнати 9 милиони и 835 илјади денари. Жерновски иако вербално се противи на изградбата, сепак овие пари не ги одбива, туку напротив, ги инкасира во општинската каса. Државните институции и дале пари на општината и Жерновски веќе располага со овие средства. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага овие средства наместо да се користат за непотребни партиски вработувања, да се искористат за она што граѓаните би имале полза.

          Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ има конкретен предлог.

          Согласно член 43 став 3 од Законот за локална самоуправа, член 29 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, и согласно Статутот на општина Центар и Деловникот за работа на Советот на општина Центар, како членови на Советот на општина Центар, поднесуваме    Иницијатива за ребаланс на Буџетот со кој предлагаме парите кои општината Центар ги добила по основ на комуналии за изградба на овој објект, во висина од 9 милиони 835 илјади денари да се наменат за обновување на јавните зелени површини и нови садници на територијата на општина Центар.

          Со ова предлагаме во Општина Центар да се насадат далеку повеќе дрва со парите кои општината веќе ги има и располага, а ги доби по основ на комуналии за изградба на зградата на СРД. Така граѓаните на Општина Центар ќе добијат далеку поголеми зелени површини од една страна, а од друга страна ќе се изгради репрезентативен објект на државна институција и ќе се оствари заштеда на буџетот на државата по основ на кирии. На овој начин ќе се исполни интересот и на граѓаните и на општината и на државата, а ќе се избегнат непотребните конфликти кои СДСМ и ЛДП свесно ги креираат.

          Го повикуваме Жерновски како градоначалник и мнозинството на СДСМ, да го прифати предложениот ребаланс и на тој начин да допринесе за зголемувањето на зелените површини во Општина Центар. Ова е едно практично решение кое Жерновски треба да го прифати, во спротивно ќе сметаме дека Жерновски блефира и во целост ќе се разобличи неговиот нечесен и неодговорен пристап кон граѓаните на Општина Центар.

 

          (Интегрален текст од прес-конференција на Даниела Рангелова, советник во Општина Центар)

најчитано сега