ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните очекуваат напредок и подобар стандард, а не стагнација

Целта на патувањето на Зоран Заев во Брисел не смее да се сведе само на одмрзнување на препораката за отпочнување на преговорите за членство. Република Македонија осум години по ред добиваше позитивна препорака за отпочнување на преговорите, која беше условена последниве две години токму заради политичката криза во која што СДС ја втурна државата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Зоран Заев вети на граѓаните брзо членство во ЕУ и НАТО, без да се задира во идентитетските прашања и без да се прават договори на штета на македонскиот народ и држава.

Граѓаните очекуваат ветувањата да бидат исполнети, а не да се намалуваат очекувањата и да се нуди како успех нешто што веќе било сработено.

Целта на патувањето во Брисел не смее да бидат само најави за разгледување на можностите за членство на Република Македонија во НАТО, туку мора да се испорачаат резултати.

СДС не треба да одмолчува и да се обесхрабрува пред повторувањето на грчките црвени линии, според кои не треба да се помислува на членство во НАТО се додека не се реши проблемот кој Грција го има со нашето име. Министерот за надворешни работи не смее да дава конфузни изјави во интернационалните медиуми кои ги вознемируваат граѓаните и отвараат сомнеж дека СДС размислува за промена на уставното име. Ваквите изјави може сериозно да ги загрозат македонските преговарачки позиции.

Граѓаните очекуваат на дело да го видат ветеното од СДС, а не преку медиумите под нивна контрола да се обидуваат да ја дефокусираат јавноста од тоа до каде се ветените 30.000 денари просечна плата и 16.000 денари минимална плата за кои во изборниот период говореа дека ќе ги реализираат.

Лекарите од СДС го очекуваат подобриот стандард и 100.000 плата. Граѓаните од СДС ги очекуваат и новите 500 километри автопат кои Заев им ги вети, но и 5% раст на економијата на годишно ниво, граѓаните очекуваат и 30.000 денари на крајот на годината од поврат на 15% од потрошеното ДДВ.

Граѓаните очекуваат дела, а не изговори. Граѓаните очекуваат напредок и подобар стандард, а не стагнација.

Граѓаните немаат никаква корист од најавите на СДС за уривање, блокирање и укинување. СДС мора да почне да испорачува тоа што го ветиле.

Македонија се сака со дела, со многу работа и одрекувања.

 

 

 

13.06.2017 - 09:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега