Стојаноска: Владата и МЗ молчат, ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за проблемот со епидемијата во гостиварско

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ поведуваат инцијатива и бараат да се свика итна седница и отворање на случајот со епидемијата во гостиварско пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на Република Македонија, на која ќе се дискутира за случајот во гостиварска Симница каде се случи епидемија на хеморагична треска и тоа од најлесниот облик, а од која починаа две лица, десет се хоспитализирани, а за десетици не се знае дали се инфицирани или не. Во овој случај беа загрозени правото на живот и правото на здравствена заштита на граѓаните. Токму заради тоа треба да се испита одговорноста во Собранието пред оваа Комисија.

Ова денеска го истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека ситуацијата во Гостивар е сериозна и алармантна, а граѓаните со право се загрижени.

-Овој проблем треба да го решат надлежните институции, но со оглед на тоа дека Владата и Министерството за здравство молчат и не превзема ништо, ние како пратеници поведуваме иницијатива овој проблем да го решаваме во рамки на Собранието на Република Македонија преку седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. На оваа седница ќе треба да дојдат надлежните и пред пратениците да дадат одговори на повеќе прашања како што се: Дали заразените лица биле правилно третирани? Како се случи да се загубат два човечки животи кога исти вакви случаи во минатото биле успешно лекувани и немало жртви, а уште помалку епидемии? Зошто дури после два смртни случаи Министерството за здравство излезе со официјално соопштение дека е можно да се работи за некоја сериозна заразна болест? Дали постојат пропусти во третирањето на заразените, дали имало соодветен регенс за навремено дијагностицирање? Дали се превземале и дали се превземаат мерки за дезинфекција, изолирање на причинителот и воспоставување на карантин? Дали навремено е спречено ширење на болеста и потенцијално заразување на стотици и илјадници лица од Симница и гостиварскиот регион? На крај зошто министертот за здравство кој што треба да даде одогвори за ваквата ситуација не е во Македонија и се шета во Америка, запраша Стојаноска.

Ние, додаде таа, како претставиници на граѓаните во Собранието на Република Македонија бараме одговори од надлежните институции за оваа сериозна и алармантна состојба во здравството.

-Ситуацијата е повеќе од сериозна и не смееме да дозовлиме поради неодоговрноста и неажурноста на надлежните оваа зараза да се прошири низ целата држава и да се загрози здравјето на граѓаните.

 

 

 

 

30.07.2017 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа