Рсправата за разрешување на Зврлевски продолжува утре

 

Собраниската расправа во рамки на шестата седница за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски ќе продолжи утре.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и попладнево во меѓусебни реплики и контрареплики, оценија дека намерно се форсира оваа расправа во Собранието со цел, како што посочија, да се дефокусира јавноста од актуелните теми, како задолжувањето, пожарите, стратегијата за бегалци...

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата. 

Пратениците од мнозинството во Собранието најавија дека ќе се откажат од нивните говори со цел побрзо законски и легално да биде разрешен Зврлевски и да биде избран нов државен јавен обвинител за да почнат реформите во правосудството.

За пратениците од опозицијата барањето е неосновано и неаргументирано. Тие се повикуваат на членот 8а од Изборниот законик со кој, како што велат, е истакнато дека сите постапки за назначување и разрешување функционери не смеат да се случуваат кога се распишани избори. Согласно тоа, порачуваат, нема можност за разрешување на Зврлевски пред 16 октомври.

Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ во реплика на пратеникот Крсто Јовановски рече дека институцијата Јавно обвинителство не е оперативна, т.е.извршна функција на Владата, веднаш по нејзиното формирање да следи разрешување на првиот човек на обвинителството.

- Напротив оваа институција би требало да биде институција во која политиката нема никакво влијание, максимално професионална, независна, кредибилна која работи во една сфера која задира во елементарните човекови права. Разрешувањето веднаш по формирање на секоја влада праќа порака дека политиката односно власта става рака и во оваа институција, додаде Димитриев. 

 

 

 

14.08.2017 - 18:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега