Македонец осуден на 20 години затвор уапсен на Ќафасан
На граничниот премин „Ќафасан", на албанско-македонската граница кај Струга, при влез на територија на Албанија е уапсен жител на Кичево баран со меѓународна потерница.
-Приведен е Алија Арслан (34), жител на Кичево, Северна Македонија, кој е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога. Од проверките спроведени во соработка со Интерпол Тирана, произлезе дека лицето било барано со меѓународна потерница издадена од Интерпол Берн/Швајцарија, врз основа на наредба на Јавното обвинителство на кантонот Аргау, стои во соопштението на државната полиција на Албанија.
Се додава дека 34-годишникот е осуден на 20 години затвор за кривични дела поврзани со меѓународна трговија со дрога, како што е предвидено во член 19 од Законот за наркотици и психотропни супстанции од швајцарскиот Кривичен законик.
Интерпол Тирана, во соработка со Интерпол Берн/Швајцарија, ги презема потребните активности за негова екстрадиција во Швајцарија.
-Ова апсење е уште еден чекор во борбата против организираниот криминал и трговијата со дрога, што ја демонстрира посветеноста на органите за спроведување на законот кон меѓународната соработка и гарантирањето на безбедноста на албанските граници, се нагласува во соопштението на државната полиција на Албанија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа