Заврши денешната собраниска расправа за разрешување на Зврлевски

Серија од реплики и контрареплики меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го одбележаа денешното, 11-то продолжение на шестата собраниска седница на која се расправа за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Расправата ќе продолжи утре во 11 часот. 

Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, барањето на Владата е неосновано и неаргументирано. Тие се повикуваат на членот 8а од Изборниот законик со кој, како што велат, е истакнато дека сите постапки за назначување и разрешување функционери не смеат да се случуваат кога се објавени избори. Ваквата расправа, оценија, намерно се форсира, за да се дефокусира јавноста од актуелните теми како задолжувањето, пожарите, бегалците,...

За СДСМ, чиј став беше искажан на претходните продолженија на седницата, меѓусебните реплики и контрареплики на ВМРО-ДПМНЕ се рашомонијада и бурлеска за пролонгирање на правдата, поради што тие и не учествуваат во таквата бесмислена расправа. Пратениците од СДСм сметаат дека разрешувањето на државниот јавен обвинител е законско и легално во целост зашто воопшто не значи негово отпуштање од работа или прекин на неговиот работен однос.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нивната цел не е блокирање на Собранието и дека одговорни за таквата состојба се, како што рече, СДСМ и неисполнувањето на предизборното ветување за именување на јавниот обвинител од страна на опозицијата.

Собранискиот спикер Талат Џафери рече дека граѓаните ќе оценат дали се блокира или не Собранието и посочи дека тој само го спроведува она што е волја на пратениците.

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

На дневен ред на оваа седница се над 30 точки, меѓу кои и годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика, финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2017 година, предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2017 година, предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2017 година.

 

 

 

15.08.2017 - 18:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега