Шекеринска: Војниците кои ги гаснеа пожарите ќе бидат наградени
Сите војници и старешини кои учествуваа и помагаа во гасењето на пожарите ќе бидат парично наградени, најави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска во рамки на одбележувањето на 25-годишнината од формирањето на АРМ.
Кога пожарите летово се проширија низ повеќе делови од нашата држава, потенцираше Шекеринска, Армијата повторно прва дојде на помош. - Со хеликоптери кои значеа спас за повеќе села и за бројни семејства, со посади кои две недели не знаеја за одмор, во ризични и напорни акции, со дополнителни 60 претставници и припадници на вооружените копнени сили кои секојдневно се бореа со пожарите, ставајќи ја добросостојбата на своите граѓани пред својата. Оваа непоколеблива посветеност и оваа жртва заслужува да се вреднува од сите нас и од државата, нагласи Шекеринска на свечениот собир на вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ.
- Храброста знам дека не се плаќа со пари, но и грижата не смее да остане само на зборови. Храброста и херојскиот напор на нашите војници не смеат да поминуваат без признанија, рече Шекеринска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа