Школата за млади лидери е влог за посилна Македонија - впечатоци на годинашните учесници од странство

Содржините и предавањата на Школата за млади лидери се избрани со една единствена цел - во корист на младите лидери кои се обидуваат да изградат подобар свет и посилна Македонија, вели годинешниот учесник на Школата, Џејмс Цветковски.

 Шест странски учесници беа дел годинашната Школа за млади лидери, иницијатива на претседателот Иванов, која од 21 август до 31 август се одржуваше во Охрид. Гости од САД, Австралија, Азербејџан, Грција и Турција имаа можност да бидат дел од осмата по ред Школа, која и годинава беше со меѓународен карактер.

 Со младите учесници коишто доаѓаат надвор од Македонија, поразговаравме за нивните впечатоци од обуката, стекнатото искуството пренесено од дваесет и двајцата реномирани предавачи, како и за нивните импресии од градот Охрид и престојот во нашата држава.

 Џејмс Цветковски од Австралија, кој своите студии за лабораториска медицина ги завршил на Кралскиот Институт за Технологија во Мелбурн, вели дека за првпат годинава дошол во Македонија преку програмата „Birthright Macedonia“, чија цел е да ги запознаат членовите на македонската дијаспора со нивните корени.

 „Постојано се радувам од снаодливоста на народот во Македонија. Моите впечатоци во рамките на Школа за млади лидери на претседателот Иванов, се фантастични. Сите содржини се избрани со една единствена цел - во корист на младите лидери кои се обидуваат да изградат подобар свет и посилна Македонија. Ова е само првиот чекор од мојот развој во лидер и се надевам дека во годините што доаѓаат да продолжам со моето учење и надградување. Лидерството е доживотна вокација и имам целосна доверба дека ова Школа за млади лидери, ќе продолжи да обезбедува плодна почва со која нејзините учесници можат да станат вистински лидери во нивните области на делување“, вели Џејмс Цветковски, годинашен учесник на Школата .

 Атикус ДеПроспо, дипломиран по индустриски и работни односи на Универзитетот Корнел, Шварцман стипендист на Универзитетот Чингуа, и кој минатото работел за сенаторот од Флорида, Марко Рубио е исто така дел од 40-те учесници. Неговиот декан од Универзитетот Чингуа, д-р Давид Пан, пак, беше предавач на годинашната обука. ДеПроспо вели дека е благодарен на претседателот Иванов, за укажаната можност да биде дел од оваа Школа за млади лидери.

 „Ми беше огромна чест, задоволство и привилегија да бидам дел од неа. Научив многу за лидерството од врвни светски професори кои дојдоа во Република Македонија и несебично ни ги пренесуваа своите знаења и искуства. Како Американец, ова беше извонредно одлична можност да научам повеќе за Охрид, за Република Македонија и за регионот на Балканот. Ќе продолжам стекнатите знаења да ги применам и при моите идни студии на Кембриџ Универзитетот“, нагласува ДеПроспо, кој е и добитник на Бил Гејстс – Кембриџ стипендијата, и кој своите постдипломски студии ќе ги продолжи на Кембриџ Универзитетот во Англија.

 Целата организација беше одлична, вели учесничката од Грција, Хара Панду, и додава дека се било извонредно за студентите да се чувствуваат среќно, од предавачите, сместувањето, храната...

 „Сакам да му се заблагодарам на претседател Иванов, кој е прекрасна личност и кој ни ја отвори вратата. Горда сум што бев дел од оваа Школа. Научив многу нови работи на неа, и таа ми помогна да ги развијам своите вештини за лидерство и политика. Си одам од тука носејќи незаборавни искуства и знаења, и ќе продолжам да ја поддржувам оваа Школа. Се надевам за подобра иднина меѓу нашите две земји и за сите балкански држави“, вели Панду, која своите студии за политички науки ги има завршено на Универзитетот во Крит, и која моментално работи во Грчкиот Парламент.

 Учесникот од Турција, Махмут Аџан, дипломиран инжинер по електроника на Бахчешехир Универзитетот од Истанбул, вели дека знаењето што го добил на оваа обука, ќе го пренесе во својата земја и својот универзитет.

 „Се надевам дека корпусот на ново искуство и разбирање што го добив во прекрасниот Охрид, ќе ме води низ мојот животен пат на константно учење и справување со сите предизвици на најдобар можен начин“, подвелкува Аџан, кој во моментов работи на Бахчешехир Универзитетот како истражувач. 

 Од Азербејџан годинава имаше двајца учесници кои се дел од Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ од Баку. Магистерот на Државниот економски универзитет од Азербејџан, Асим Шашуварли вели дека оваа иницијатива на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, е одлична можност за младите да продолжат да ги развиваат своите вештини но и да запознаваат други успешни млади.

 „Би сакал да нагласам дека сум многу благодарен што бев дел од Школата за млади лидери, тука во Охрид и Македонија, и за тоа што сите беа гостопримливи и најсрдечни со мене. Од Македонија си одам со големи импресии за градот Охрид, за македонскиот народ. Се чувствував неизмерно среќно и задоволно што имав можност да учам од врвни предавачи, но и да запознам нови пријателства со учесниците од Македонија, кои со сигурност ќе траат цел живот“, вели м-р Шашуварли“, еден од двајцата годинашни азербејџански учесници. 

 Неговиот сонародник, Тогхрул Акбар Јусуфи, дипломиран на Универзитетот за јазици во Азербејџан, додава дека во својата држава ќе се врати со одлично искуство стекнато во Македонија, со прекрасни спомени и со надеж за повторна посета на Охрид и други градови.

 Во изминатите осум години на Школата за млади лидери учествуваа 320 млади луѓе и над 180 реномирани предавачи. Меѓу предавачи беа и: Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус и Ваира Вике - Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов, Бамир Топи и Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на ЕК и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од ЕУ, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

 

 

 

02.09.2017 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега