Заев во официјална посета на Израел: Интензивирање на соработката за безбедноста и во економијата

Премиерот Зоран Заев, придружуван од владина делегација и од повеќемина претставници на бизнис заедницата во Македонија, е во официјална посета на Израел.

За време на посетата, предвидиени се средби на највисоко политичко ниво, а премиерот Заев ќе се обрати и на Израелскиот совет за меѓународни односи, како и на Бизнис форумот чиј организатор во Ерусалим е Владата на Република Македонија. 

- Со оваа официјална посета на Израел, владите на Република Македонија и на Израел испраќаат порака за интензивирање и продлабочување на односите во двете клучни сфери од светско значење и од интерес на граѓаните во двете држави, безбедноста и економијата, соопшти владината служба за информирање.

Премиерот Заев во Израел го придружуваат вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министрите за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кои исто така ќе имаат одделни средби во рамки на ресорните области.

Работниот ден на премиерот Заев и на владината делегација денеска почнува со средба со претседателот на државата Руевен Ривлин. Во втортиот дел од денот ќе се одржат Израелскиот совет за меѓународни односи и Бизнис форумот.

Предвидено е утре премиерот Заев да се сретне со домаќинот, неговиот колега, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

- Пораката на претседателот на Владата, Заев е дека за сите е потребен безбеден свет и оти Владата на Република Македонија е подготвена да придонесе во активностите за заштита на светскиот мир, затоа што само така е можем спокоен живот на граѓаните каде и да живеат, како и економски напредок. Израел е инспиративна држава во економскиот развој каде бележи светски успеси, поради што Владата на Република Македонија го иницираше Бизнис форумот, на којшто ќе бидат разменети искуства со бизнис заедницата од оваа држава за повеќе мерки што се планирани и во Програмата на новата Влада, а се применуваат во Израел, како што се поддршката на домашните мали и средни претпријатија, отворањето старт ап компании, употребата на соларната енергија во енергетиката, системот “Капка по капка“ во земјоделството, како и развојот на туризмот, културата..., стои во соопштението од владината прес-служба.

Премиерот и владината делегација ќе посетат и културно историски споменици, а претседателот на Владата, Заев, ќе има и молитва за жртвите од Холокаустот.

Претседателот на Владата и владината делегација синоќа го проследија фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Република Македонија и на државата Израел.

 

 

 

03.09.2017 - 10:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега