Лупин: Реакцијата на руската Амбасада е поради процедурални причини

Руската Амбасада попладнево до МИА ја испрати реакцијата на вчерашното владино соопштение за средбата меѓу премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Олег Шчербак, во која ја потенцира Агенцијата како еден од медиумите, кој го објавил соопштението на Владата, а кое според неа не соодветствува со руската страна.

- Текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна и не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки кои беа изнесени за време на разговорот од страна на амбасадорот на Русија. Во исто време руската страна ја потврдува својата посветеност на сестрано и конструктивно унапредување на традиционално пријателските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија, се вели во реакцијата, што МИА ја доби дури попладнево на наше инстистирање, иако од Амбасадата беше посочено дека тоа било официјално  препратено до сите медиуми. 

Портпаролот на руската Амбасада Станислав Лупин изјави за МИА дека дипломатското претставиштво не сака да дава дополнителни коментари, бидејќи целта на реакцијата не е, како што посочи да се отпочне јавна полемика за содржината на средбата меѓу амбасадорот и премиерот.

Според Лупин станува збор за процедурално прашање. Тој истакна дека целта на руското соопштение е да се даде на знаење дека владиното соопштение било објавено спротивно на меѓународната пракса, односно било објавено без консултација со руската Амбасада.  

Тој нагласи дека самата содржина во владиното соопштение не е спорна, туку спорно е тоа што како цитат биле објавени зборовите на Шчербак, без негова согласност и знаење. 

Лупин истакна дека на средбата имало позитивна атмосфера и оти немало критика од руска страна кон Заев, бидејќи како што кажа, Русија ги почитува меѓународните норми и не се меша во внатрешните работи на други држави. 

Во вчерашното соопштение на Владата, што го пренесе МИА меѓудругото се наведува дека на средбата на премиерот Заев и амбасадорот Шчербак било констатирано и дека евро-атлантските стремежи и определби на Република Македонија не се и не треба да бидат пречка за развој на билатералните односи помеѓу Македонија и Русија, особено што, како што било посочено, и кај двете држави постои став за одржлив систем на безбедност во светот, што е од меѓународно значење.

 

 

 

20.10.2017 - 16:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега