Владата го отвори процесот за консултации со граѓанските организации за Планот 3-6-9

Работните групи на претставници на министерствата, кои се дел од Ад – хок групата за имплементација на План 3–6–9 и претставници на граѓански организации, денеска одржаа консултативни средби со цел да се искажат мислења и ставови за мерките кои Владата ги презема во идните шест и девет месеци како дел од предвидените реформи од планот, чија цел е придвижување на евроинтегративниот процес.

Владината прес-служба информира дека учесниците на четирите групи вклучени во „Иницијативата за итни демократски промени” разменија мислења, предлози и идеи на темите: владеење на правото (вклучително правосудство, борба против корупција, реформа на разузнавачките служби и миграции), реформи во јавната администрација, изборите, Собранието и независните регулаторни тела, како и за медиумите и граѓанскиот сектор, кои се опфатени со Извештајот на експертската група на Прибе.

На консултацијата на работната група, претставниците од граѓанскиот сектор изразиле поддршка за продолжување на отпочнатите реформи во јавната администрација. Од претставниците на невладините организации се дадени и конструктивни предлози за дополнителна ефикасност и транспарентност на реформата кои се однесуваа на регистарот на вработени во јавните институции, предлози за подобрување на ефикасноста и ефективноста на примената на законот за пристап до информации од јавен карактер, на обезбедување на поголема транспарентност на податоците за привремените вработувања, и други конструктивни идеи и предлози кои не се опфатени во Планот 3-6-9, а кои се однесуваат на активната транспарентност во процесот на влијание на регулативата.

Во наредниот период, како што стои во сооштението, сметаат граѓанските организации, неопходно е тие да бидат поактивно вклучени во работата на собраниските комисии, односно нивното учество да биде загарантирано.  

Во однос на независните регулаторни тела, граѓанските организации побара поголема транспарентност, а директорите освен обврската пред Собранието да ги презентираат извештаите за нивната работа, да сносат и одговорност за нивната работа. 

Во исто време сметаат дека е неопходна ревизија на изборниот законик, соодветна систематизација во Државната изборна комисија, како и нова методологија за следење на избирачкиот список.

Во делот на медиумите, работната група расправала за потребата од натамошни градење партнерство на Владата со асоцијациите и граѓанскиот сектор, со цел, ослободување на медиумскиот простор од било какви институционални или персонални влијанија, вклучително и финансиска зависност. 

Во соопштението се истакнува дека во таа насока е истакната потребата од поголема јавна дебата за Предлог-законот за  измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел зајакнување на независноста и капацитетите на медиумскиот регулатор и професионализирање на јавниот радиодифузен сервис. Медиумските граѓански експерти сугерираа дека законот треба да претрпи измени и во други делови, а посебно ја поздравија дебатата за потребата од можни мерки за олеснување на работата на печатените медиуми.

Во дискусија во групата за Владеење на право, вклучително правосудство, борба против корупција, реформа на разузнавачките служби, и миграции, граѓанските организации ги посочиле најитните приоритети кои се реално остварливи во следниот период, како предлози  кои ќе придонесат кон развојот на мерки од Планот 3-6-9 за наредните шест и девет месеци и тоа во делот на судските реформи граѓанските организации Стратегија за реформа на правосудниот сектор со Акциски план 2017-2022.

Во Реформата на разузнавачките и безбедносните служби акцентот на дискусијата бил Планот за реформа и усвојување на законите битни за реформата на разузнавачките и безбедносните служби. На средбата се дискутирани и мерките за борба против организираниот криминал и корупција.
 
Со конструктивна дискусија и предлози се разгледани и Предлог-мерките кои имаат за цел обезбедување непристрасен и професионален однос кон секој пријавен случај на корупција, со фокусот на реформите во Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција во МВР.

На средбата со претставниците на граѓанските здруженија е истакнато започнувањето на широк консултативен процес за нова Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор (2018-2020) кој подразбира директно и суштинско учество на граѓанските организации, како и за спроведување транспарентна постапка за избор на членовите на Советот за соработка со граѓанскиот сектор.

Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека консултативните средби се одржуваат во духот на определбата на Владата на Република Македонија за транспарентност во работата и вклучувањето на граѓанското општество со цел враќање на демократските стандарди и вредности, за постигнување напредок во одредени области од јавните политики, како и за враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции.

 

 

 

27.10.2017 - 20:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега