Законот за аудиовизуелни услуги оди на уште едно читање во ЕК

Предлог-текстот на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, пред да влезе во владина процедура, ќе оди на уште едно разгледување во Европската комисија на барање на ЕК. 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека роковите не се пробиваат и оти по неговото враќање и евентуалните препораки, предлог-законот ќе биде ставен на владина седница. 

- Најавено беше дека Предлог-законот ќе биде на дневен ред на вчерашната владина седница,  но на барање на Европската комисија сакаат да има уште едно читање на Предлог-законското решение. Владата одлучи дека тоа е сосема во ред. Не ги пробиваме роковите. По добивањето на евентуалните препораки законот набрзо ќе биде ставен на владина седница, истакна Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање. 

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Бошњаковски соопшти дека се усвоени повеќе предлог-измени на закони што се однесуваат на правосудството и полицијата, а се дел од итните рефоромски приоритети предвидени со Планот 3-6-9. Меѓу нив, усвоени се измените на Законот за судовите, Законот за извршување на санкции, Законот за јавно обвинитество, Законот за кривична постапка, како и на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција. Усвоени се и пакетот законски решенија кои се направени по препораките на Прибе.  

Одговарајќи на новинарско прашање дали со измените на Законот за судови и Законот за јавното обвинителство, со кои се предвидува гонење на лица со полициски овластувања кои сториле кривични дела, ќе бидат опфатени и полицајците од настаните од 27 април во македонското Собрание, владиниот портпарол рече дека по донесувањето на законот ќе се види кои лица ќе бидат опфатени.  

- Предлог законското решение ќе важи од моментот кога ќе биде објавено во Службен весник. Во моментов се работи за предлог за измени и дополнување што значи дека следува редовна постапка во Собранието на Република Македонија. Кои лица ќе бидат опфатени ќе видиме по донесувањето на законот, истакна Бошњаковски.  

На вчерашната владина седница е разгледана и Предлог-одлуката за одобрување на финансискиот план за 2018 на Македонската радио телевизија со тоа што кон одлуката од страна на Владата е доставено придружно мислење во кое меѓу другото се истакнува дека МРТВ ги прекршила професионалните принципи за сеопфатно информирање на јавноста со прекинот на директниот пренос од македонското Собрание на 27 април годинава. 

 

 

 

27.12.2017 - 13:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега