Кикиљас: Ако Ципрас и Каменос не можат да се договорат за името, да поднесат оставки

Во интервју за весникот „Real news“ Васили Кикиљас упатува критики до коалициската влада во однос на прашањето за името и уште еднаш ја повторува позицијата на неговата партија дека со различните позиции на СИРИЗА и Независни Грци се доведува во прашање владиното мнозинство. 

- Со други зборови, ако господата Ципрас и Каменос не се согласуваат, нека си поднесат оставки. Нова демократија има јасна позиција, формирана во Букурешт: сложено име за севкупна употреба (ерга омнес) и решение на прашањето за името пред да започне процесот на интеграција на Скопје во НАТО, вели Василис Кикиљас во интервјуто.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, овој став за грчките медиуми, но и преку официјални соопштенија, континуирано го повторуваат од опозициската Нова демократија.  Преку портпаролката Марија Спираки, преку поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани, преку надлежниот за надворешна политика Јоргос Кумуцакос, преку потпретседателот Костис Хаѕидакис, опозициската партија јасно и гласно и порача на владата да ги усогласи позициите, Ципрас и Каменос да најдат заеднички став, бидејќи во спротивно, Нова демократија нема да го поддржи евентуалното решение.

Минатата сабота Кирјакос Мицотакис, претседателот на конзервативната партија,  преку весникот „То вима“ го порача истото она што денеска го спомнува Кикиљас, ако Ципрас и Каменос не можат да се договорат за едно важно прашање од национално значење, тогаш треба да си дадат оставка. Оваа порака беше повод и причина за почеток на меѓусебни обвинувања на релација власт - опозиција. 

Од Кабинетот на Ципрас, јавува дописникот на МИА, велат дека потпретседателот на Нова демократија и поранешната министерка за надворешни работи имаат различни позиции. На ова реагираа од опозициската партија со став дека СИРИЗА и Независни Грци се власт, а не опозицијата. Од Нова демократија рекоа дека претпоставуваат дека Ципрас и Каменос комуницираат меѓу себе и очекуваат од нив конкретен и заеднички предлог за името. 

 

 

 

30.12.2017 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега