Грчки медиуми: Османи во Атина, можна средба Ципрас - Заев во Давос

 

Јануари е месецот во кој се очекува развој на настаните во прашањето за името, објавуваат грчките медиуми и овој став го поткрепуваат со можните средби што би се случиле во следниот период -пишува МИА.  

Посета на вицепремиерот Бујар Османи на Атина, нова рунда разговори за името, посета на генералниот секретар на НАТО на Скопје и евентуална средба на премиерите на двете земји во Давос се активностите предвидени за јануари, според медиумите кај јужниот сосед.

Повикувајќи се на свои извори, телевизиите „Скај“ и „Action 24“, весниците „То Вима и „Та неа“ и дел од грчките информативни портали, јавува дописникот на МИА од Атина, објавија дека во понеделник или вторник вицепремиерот на Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ќе ја посети Атина и ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и неговиот заменик Јоргос Катругалос.

Грчките медиуми, преземајќи ги информациите објавени во македонските медиуми вчера, објавија дека за 2 седмици медијаторот Нимиц, ќе одржи нова рунда разговори со претставниците на двете земји, а на 17 и 18 јануари во Скопје, по 3 години ќе дојде генералниот секретар на НАТО.

Според непотврдени информации во грчките медиуми, доколку има напредок во разговорите и доколку и двајцата премиери и Зоран Заев и Алексис Ципрас заминат за Давос, Швајцарија на Светскиот економски форум од 23 до 26 јануари, тогаш е многу веројатно да остварат и билатерална средба.

Во Грција, јавува дописникот на МИА од Атина, Македонија и понатаму е „жешка тема“, со оглед на тоа дека секоја партија има свој став и свои барања. Владината коалиција е со различни позиции, СИРИЗА бара сложено ерга омнес име, Независни Грци се против употребата на терминот Македонија во името, опозициските партии бараат единствена и заедничка позиција од грчката влада, грчката влада пак, од опозициските партии бара јасен став дали ќе го поддржи евентуалниот договор со соседната земја.

 

 

 

04.01.2018 - 09:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега