Владата ќе расправа за Законот за лекови и за казнено-поправните установи

 

Владата денеска ќе одржи седница на која меѓу другото ќе ја разгледа информацијата за склучување на спогодба со Советот на министри на Албанија за соработка во случај на катастрофи.

На дневен ред на 47-та седница е и информацијата за усвојување на ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во државата.

Пред министрите денеска ќе се најдат и предлог-измените на Законот за Народниот правобранител, како и измените на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Владата ќе ја разгледа и информацијата за преземање мерки и активности во насока на подобрување на ефикасното работење на казнено-поправните установи, а од областа на здравството ќе бидат разгледани предлог-измените на Законот за лекови и медицински средства.

Генералниот секретаријат на Владата ќе го презентира извештајот од анализата на нацрт-стратешките планови на министерствата и другите органи на државната управа и нивната усогласеност со стратешките приоритети на Владата за годинава, како и анализата за спроведување консултации и учество на граѓанските организации во процесот на креирање политики на Владата и органите на државната управа.

Како точки за дневен ред на денешната седница се и Извештајот за работата на Советот за утврдување на факти за периодот од 1 јануари до 30 јуни лани и Информацијата за прогрес на имплементираните проекти од Стратегијата за Роми и вклучување на Ромите - 2020 во Министерството за труд и социјална политика за периодот јули – декември 2017.

 

 

 

04.01.2018 - 15:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега