Караџовски: Македонските судии имаат најниски плати во Европа

Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Зоран Караџовски на денешната прес -конференција рече дека ќе се залагаат за подобрување на условите за работа за судиите и судските работници, за зголемување на нивните плати, бидејќи како што додаде, платите на судиите изминативе две години се на најниско ниво во Европа.

Тој очекува и зголемување на хонорарите за судиите-поротници за сто отсто.

Посочи дека во Судскиот совет го добиле извештајот на работната група при Министерстото за правда за проверка на АКМИС-системот во судовите. 

Во врска со тоа рече дека за Судскиот совет е дискутабилно дали извештајот треба да има назнака „строго доверливо“ и дали треба да се води под таа класификација.

Караџовски рече дека на извештајот, што бил испратен од Министерството за правда во Судскиот совет било ставено обично ливче на кое со пенкало било напишано „строго доверливо“.

Судскиот совет, како што рече, нема се уште став за извештајот за АКМИС-системот, бидејќи сите членови на Советот немаат безбедносни сертификати за да го прочитаат.  Додаде дека во извештајот нема конкретни примери со предмети и оти тој може да претставува само основа за подлабинска проверка на АКМИС системот.

На прашање како би го прокоментирал менувањето на распоредот на судиите во Врховниот суд, кој за само една година е сменет 11 пати, Караџоски упати на одговор за ова прашање кај претседателот на Врховен, Јово Вангеловски. Тој оцени дека Вангеловски постапил според ингеренциите што му ги дава законот.

Првиот човек на Судскиот совет смета дека лично има кредибилитет да ги спроведува реформите во правосудството предвидени со Стратегијата за реформи на Министерството за правда.

Во контекст на тоа додаде дека критиките за работата на Судскиот совет од меѓународните организации се однесуваат само на периодот пред 2014 година, пред тој да биде избран во септември 2014 година за член на Советот.

- Никој не може да застане лично да го одбрани судијата што го прекршил законот. Потребна е сеопфатна анализа и да се изнајдат судиите кои имаат проблем со својот интегритет и се огрешиле пред законот, рече Караџовски.

Караџовски на прес-конференцијата го критикуваше изборот на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во Собранието, а во контекст на тоа ги поздрави јавно изнесените критики од скопски адвокат, кој рече дека изборот бил незаконски со кршење на процедурата во Собранието.

Во врска со работата на Специјалното јавно обвинителство, Караџовски смета дека СЈО како дел од Јавното обвинителство на Република Македонија треба да се внесе што поскоро, а не од 2019 година како што е предвидено. 

 

 

 

04.01.2018 - 16:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега