Пресметавме: Колку пари ви требаат за да отидете во Вараждин и да навивате за Македонија

Ако се решите да патувате за Вараждин за да ги проследите последните два меча на Македонија во втората фаза од Европското првенство во ракомет ќе ви треба повеќе од 150 евра. Ако се решите да патувате со автомобил имате околу 35 евра само за патарини во еден правец

Во Србија патарините ќе ве чинат околу 11,5 евра,а во Хрватска околу 21 евро. Заедно со патарините во Македонија, ќе треба да си подготвите околу 70 евра за оваа намена во двата правци.

Ако имате економичен автомобил тогаш може да се надевате дека ќе одите и ќе се вратите од Вараждин со околу 100 литри гориво. Ако е тоа дизел, ќе ви требаат некаде околу 100 евра за да ги минете тие 1800 километри во двата правци.  Со добро друштво можат да се поделат трошоците па патот и да не чини толку многу. Планирајте дека има прилично доста за возење, односно подгответе се во автомобил да поминете околу 10 часа.

Сместувачки капацитети во Вараждин потешко се наоѓаат, па препорака е да се обидете во соседниот Чаковец или пак блиските Вараждински бањи (Вараждинске топлице). Цените се од 20 евра ноќ по лице па нагоре во зависност од квалитетот на сместувањето.

Доколку немате карти за натпреварите тоа би можело да биде проблем, но оние кои веќе се во Вараждин велат дека со малку повеќе труд и од 30 до 50 евра ќе можете да најдете билет за да ги гледате нашите ракометари со Чешка и Шпанија.

Ако немате автомобил и се решите да патувате со автобус, тогаш побрзајте дека единствениот кој денеска од Скопје вози до Загреб поаѓа во 18:30 часот од Скопје, а во Загреб ќе бидете во 7 наутро. Цената на овој билет е 375 хрватски куни што е некаде околу 50 евра. Потоа, речи си на секој час имате автобус од Загреб до Вараждин кој чини нешто помалку од 8 евра.

Нашите фанови кои се веќе во Вараждин велат дека цените на производите во угостителските објекти, а пред се во шаторот во кој се собираат навивачите се прифатливи за наши услови иако се малку повисоки од оние во Македонија.

 

Ви останува да го извадите црвено жолтиот дрес од плакарот, да го подготвите знамето и да се упатите кон Вараждин.

 

 

 

22.01.2018 - 12:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега