Што ќе донесе утрешната средба Мицкоски - Ахмети?

Празна политичка куртоазија или средба која може да донесе поместувања на македонската политичка сцена. Што може да се очекува по првото кафе на поранешните коалициони партнери договорено за утре.
Вчерашниот настап на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во кој не штедеше епитети за политичката кариера на Ахмети ги отвори шпекулациите дека долгогодишните политички соработници повторно ги затоплуваат односите кои беа нарушени по последните парламентарни избори.

Сепак се поставува прашањето колку има простор да се затоплуваат односите меѓу двете партии особено ако се знае развојот на ситуацијата со Законот за јазиците, кој е проект на ДУИ, а го блокира токму ВМРО-ДПМНЕ. И во ДУИ и во ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека средбата Мицкоски – Ахмети не е закажана за пазарење, туку за размена на ставови за актуелните прашања меѓу кои, како што вели ДУИ не е и Законот за јазиците.
Од друга страна, затоплените односи со ВМРО-ДПМНЕ и тоа како му годат на ДУИ, особено во ситуација кога помошта на СДСМ не е доволна да се протуркаат законските решенија кои се со етнички предзнак и за кои интегративците сметаат дека ќе им донесат политички поени кај албанскиот електорат. Добрите односи со ВМРО-ДПМНЕ значи фактор плус за ДУИ во коалицијата со СДСМ, бидејќи Заев не би бил толку комотен кога би знаел дека постои некаква можност коалициониот партнер да влезе во игра со политичката конкуренција.

Средбата Мицкоски – Ахмети доаѓа во време кога премиерот Заев прави максимални напори да ја прошири својата коалиција и мнозинство во Собранието, што според состојбата на терен не е процес кој добива широка поддршка од ДУИ, и покрај тоа што и во двете партии што ја носат власта се свесни дека тенкото мнозинство во Собранието многу тешко се менаџира, особено кога ќе треба да се формира кворум за гласање. Но гледано од аголот на ДУИ секој нов пратеник во мнозинството со СДСМ значи намалување на нивното влијание внатре во самата коалиција што ја прави нивната преговарачка позиција послаба кога треба да се прави пазар за теми кои носат поени кај етничките Албанци.

 

Сепак, од сите можни опции, најверојатно средбата ќе помине во класична политичка куртоазија а по неа, лидерите најверојатно само ќе потврдат дека имале конструктивен состанок на кој размениле информации за актуелните случувања во Македонија, со посебен акцент на евроинтегративните процеси

 

 

 

02.03.2018 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега