Тевдовски: Креираме нов европски и квалитетен закон за јавни набавки
Министерот за финансии, Драган Тевдовски во Штип на денешната третта и последна инфо сесија за новиот Закон за јавни набавки од страна на претставниците на Стопанските комори и од ЕПИ Центарот ги доби 23 забелешки по одредени членови, но и предлози, како да се допрециизраат во новиот Закон за јавни набавки.
Тевдовски во своето обраќање пред бизнис секторот истакна дека предлозите и сугестиите кои ги дава бизнис секторот на ваквите јавни дебати е значајна за Министерството за финансии и за Бирото за јавни набавки, бидејќи во изминатите години овој закон, како што рече е променуван 14 пати без консултации и без да се слушне мислењето на засегнатите страни и на бизнис заедницата.
- Еве денес имате можност да слушнете и за детали, бидејќи имавме повеќе јавни расправи и имаме документ со сугестии, забелешки, кои што за нас се важни, бидејќи нашата цел е практично до октомври да имаме нов Закон за јавни набавки. Не брзаме никаде. Целта е да имаме европски закон, да одиме во насока на добри европски стандарди и практики. Јас сум дојден тука за повеќе да слушам, да ги слушнам вашите проблеми и вашите барања за да знаеме што е тоа што би требало да промениме или да вградиме во законот, истакна Тевдовски.
Тој забележа дека во документот кој што го добил од четирите стопански комори и од ЕПИ Центарот има корисни сугестии за подобрување на новиот Закон за јавни набавки.
- На пример околу елетронскиот каталог, јас целосно се согласувам дека тој ќе овозможи транспарентност и дека треба да размислиме, како подобро да го прецизираме, која е логиката на тој електронски каталог. Изминатите години многу често се случувало да се набавуваат некои производи на големо, на пример пенкала, по многу повисоки цени од колку што можете да ги купите во продавница. Сега идејата е сите такви производи кои што фреквентно ќе се купуваат да бидат на тој електронски каталог и секој да може да ги види и нивните цени и практично институциите брзо да можат на еден транспарентен начин тие да ги купуваат, вели Тевдовски.
Според него овој Закон се очекува да се зголеми транспарентноста на постапките. Во исто време тој треба да ја подобри ефикасноста, да стави акцент на најдобрата економска понуда, да ги поедностави постапките и да обезбеди услови за реална конкуренција. - Има нови постапки, нови начини и алатки, особено во делот на електронски јавни набавки, има нови вредносни прагови за примена на законот, но и зајакната контрола и транспарентност, истакна министерот за финансии Тевдовски.
Додаде дека за новиот Закон за јавни набавки имаат и поддршка од СИГМА и од ЕУ, а во Бирото за јавни набавки има и пристигнато и експерт за јавни набавки од ЕУ кој ќе работи на допрецизирање на овој закон.
Љубомир Димовски координатор на проектот од ЕПИ Центарот презентираше и дел од забелешките и поредлозите што ги даваат претставниците на четирите стопански комори.
- Ние сметаме дека начинот на кој што електронскиот каталог ќе треба да функционира е да се специфицира и треба точно и многу прецизно да биде објаснето. Тука коморите ја нудат и својата помош во процесот на дефинирање на овој документ, најмногу заради тоа што сметаме дека електронскиот каталог всушност ќе преземе најголем дел од набавките во следниот период, вели Димовски.
Тој истакна дека во делот на електронските аукции добро е што таа не е задолжителна, а од нивна страна се предлага со јасни одредби да се дефинираат услугите да не бидат дел од овој систем.
- Во делот на критериумите за избор на економски најповолна понуда, што во суштина е главен двигател на овој нов Закон мислиме дека воведувањето на овој концепт е позитивно, но со цел реализацијата да има позитивен ефект предлагаме да се направи избор на најповолен понудавач да биде секторски, односно да се изработат под законски акти или прирачници кои што парктично ќе ги специфицираат спецификите на одредувањето на економски најповолната понуда за различни сектори, рече Димовски.
Тој додаде дека новиот Закон за јавни набавки во повеќе делови нуди поголема транспасрентност, како што е во делот на објавувањето на договорите, но според сугестиите и забелешките на бизнис секторот треба да се зголеми контролата во делот на реализацијата на договорите и да се формира тело, кое ќе ги следи постапките дали се реализирани од компаниите, но и исплатени од страна на институциите. Во делот на Планот за јавни набавки начинот на неговото менување треба да биде регулиран е исто така една од забелешките.
- Со други зборови да не се случи денес да го смениме планот, а веќе утре да ја спроведиме постапката. Во тој случај поентата на Планот за набавки комплетно се губи. Значи нашата цел е доколку имаме обврска Планот за набавки да биде ставен и објавен неговото менување да биде регулирано, како тој може да се менува и второ промената на Планот да биде со рок. На пример 30 дена пред да се промени Планот да не може да се спроведе набавката, вели Димовски.
Законот се очекува да се усвои во октомври, а да се применува од јануари следната година.
Инфо сесијата „Реформи во јавните набавки со посебен осврт на нацрт текстот на Законот за јавни набавки“ се реализира од страна на УСАИД преку проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.
###
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа