Русија се заканува по протерувањето на дипломатот од Македонија
Македонското Министерството за надворешни работи синоќа соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал.
Руски дипломат ќе биде протеран од Македонија во момент кога во најмалку 19 држави во светот денеска се преземаат такви потези поради труењето со нервен агенс на двојниот руски шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери.
Одлуката на македонското МНР е донесена по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.
- Министерството за надворешни работи во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, соопшти МНР.
- Нелегалното користење воено хемиско оружје е спротивно со меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји, се додава во соопштението на македонското МНР.
Потегот е преземен согласно Член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
- Денеска ги известивме руските власти за нашата одлука да протераме еден руски дипломат, во тесна консултација со нашите партнери и сојузници, во целосна солидарност со Велика Британија, како и да ги заштитиме сопствените безбедносни интереси на Македонија, напиша синоќа на Твитер шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет ја поздрави одлуката на македонското МНР, да протера еден руски дипломат од земјава.
- Ја поздравувам одлуката на Македонија, како дел од една исклучителна, обединета акција од меѓународната заедница против рускиот напад со нервен гас на британско тло. Моќен израз на солидарност, напиша амбасадорот Гарет на Твитер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа