Најавен студентски собир во Битола: Прекинувањето на преговорите е единствениот разумен чекор

Студентите од Битола утре во 18 часот ќе се соберат на плоштадот Магнолија со цел да го искажат својот револт против преговорите за промена на името, а ги повикуваат и сите граѓани кои се сложуваат со нивните ставови да ги поддржат на овој собир.

Под иницијативата „Млади за Македонија“ тие нагласуваат дека Законот за употреба на јазиците е неуставен и ќе нанесе само штета на државата.

„Студентите отсекогаш биле движечката сила кон напредок на едно општество, кон одбрана на слободата, правдата и достоинството. Ние сме тие со идеите, енергијата и неизгасливата желба за промена кон подобро, за реафирмација на трајните вредности и идеали кои гарантираат просперитетна иднина за секој граѓанин на оваа држава. Како иницијатива, сметаме дека македонското општество денес се наоѓа пред еден немилосрден предизвик. И покрај обвинувањата дека шириме ирационална параноја, јас ќе напоменам дека самата деструктивна природа на политиките против кои се бориме е повеќе од очигледна за секој слободноумен граѓанин. Должноста на академците и академските граѓани е да создаваат услови за прогрес. Ние сме силата која ја гради иднината на оваа земја и затоа имаме неизбежна обврска да ја заштитиме од секаква деструктивна политика. Не постои никаква реална или објективна рационализација да служи како причина за постоење на такви преговори, а и самата продуктивност на водењето преговори околу наметнатиот спор се покажа како минорна или скоро непостоечка во последните 27 години. Сметаме дека прекинувањето на преговорите е единствениот разумен чекор кој би довел до позитивно придвижување на нашата држава“ – вели Филип Романски од „Млади за Македонија“.

Романски истакнува дека иницијативата „Млади за Македонија“ е формирана од образовани, храбри и некомпромитирани луѓе, студенти кај кои го има стремежот кон просперитет и општество управувано од слободните идеали кои не го потценуваат народот и не го нарушуваат достоинството на граѓанинот.

Ваков собир се одржа и вчера во Штип.

Ние студентите го кренавме нашиот глас против диксриминацијата и неправдите од ЕУ, НАТО, ОН и другите меѓународни организации. Директно побаравме Европскиот парламент да го почитува нашето основно човеково право – правото на самоопределување и да престанат да не принудуваат да го смениме нашето име и идентитет – стои под видеото објавено на фејсбук странта “Млади за Македонија”.

 

 

 

15.04.2018 - 10:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега