Им ја украл и продал ќерката бидејќи не му платиле за патување до Будимпешта - хорор за прилепско семејство

Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти во соработка со СВР Битола – Полициска станица Прилеп, до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицето Р.С. (54) од Прилеп, поради постоење основано сомнение дека врбувал, организирал, превезол и засолнил четиричлено семејство од Прилеп, потенцијални баратели на економски азил во земјите на ЕУ, а притоа, присилно без дозвола од родителите, ја одземал нивната малолетна ќерка со цел склучување присилен брак со непознато лице во Белгија.

На овој начин, пријавениот извршил злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор и трговија со малолетно лице. Тој, искористувајќи ја лошата економска состојба на семејство од Македонија, ги убедил дека како економски мигранти во земјите на ЕУ ќе ја подобрат својата материјална положба, при што им понудил да им плати за издавање на патните документи и да ги транспортира до Белгија, а парите да му ги вратат на рати, од парични средства кои ќе ги примаат кога ќе добијат статус на азиланти. По прифаќањето на понудата, семејството во организација на пријавениот во три наврати се обидело да оствари излез од Македонија, но од страна на македонските погранични органи не им бил дозволен излез, согласно Законот за гранична контрола.

По ова, Р.С. преку туристичка агенција од Прилеп, обезбедил ваучери за хотелско сместување во Унгарија – Будимпешта, по што лицата на 10 април возило кое тој го управувал се упатиле кон Будимпешта, каде останале два дена. Оттаму продолжиле во Белгија, каде пријавениот ги сместил кај свои роднини. Наредниот ден, Р.С. им побарал да му ги исплатат парите за организацијата и транспортот до Белгија, а им се заканил дека доколку не го направат тоа ќе ја омажи нивната ќерка за непознато лице (16-17 години) чии родители претходно на пријавениот му платиле парични средства во износ од 5.000 евра, за да им обезбеди невеста од Македонија. Бидејќи семејството немало да му ги врати паричните средства, Р.С. присилно им ја одзел малолетната ќерка и ја предал на непознатите лица кои „платиле за невестата“, по што заедно се упатиле во непознат правец. Наредниот ден Р.С. им организирал транспорт со автобус од Белгија за Германија – Дортмунд, каде ги чекало непознато лице кое требало да ги однесе до местото каде  требало да бараат азил. Во Германија како баратели на азил семејството останало се до 3 август годинава, кога во консултација со адвокат од Германија, им било советувано дека во врска со случајот со нивната ќерка ќе биде подобро да се вратат во Македонија и да побараат помош од институциите на матичната држава. По ова тие доброволно се вратиле во Македонија.

Отако се вратиле во Македонија случајот го пријавиле во полиција, по што од страна на ЦСОСК – ЕТЛКМ и ПС Прилеп, се преземени мерки за расчистување и обезбедување потребни докази. Пријавениот е лишен од слобода и со кривична пријава е предаден на истражен судија, кој му одредил мерка притвор во траење од 30 дена. Од страна на МВР во тек е постапка за пронаоѓање на малолетната жртва на територија на Белгија.

Завчера, пак, полициски службеници на ПС за ГН Белановце околу 16 часот привеле македонски државјанин А.Ш. (37) од Скопје бидејќи по претходни добиени сознанија дека од патниот правец село Оризаре кон село Белановце се движи патничко моторно возило „волсваген комби“ превезувал патници од ромска националност кои што како потенцијални азиланти требало да ја напуштат земјава.

Полициската гранична патрола околу 13 часот забележала како се движи пријавеното возило од правец на село Белановце кон државната граница и на околу 50 метри од граничната линија поточно кај месноста викана „Црвена Вода-Крчен Камен“. Полицијата го запрела возилото, а при извршената контрола над возилото и патниците е констатирано дека пријавениот превезува лица со сомнителна цел на патување и се работи за македонски државјани од ромска националност и тоа: М.И. (33) од Скопје, С.И. (31) од Скопје, и нивни две малолетни деца Х.И. и С.И.. Сите се приведени во Полициската станица за граничниот премин Белановце.

По извршен разговор со пријавениот е дознаено дека на 8 септември околу 14 часот се сретнал со С.И. во кафеана во населбата Ново Лисиче и се договориле наредниот ден да ги земе од дома неговото семејство, сопругата и неговите две малолетни деца, како и неговиот брат и за сума од по 250 евра по човек, вкупно 1.250 евра да ги однесе до Лион, Република Франција, како можни баратели на азил. Притоа, С.И. му дал 300 евра капар како гаранција, а останатите 900 евра требало да му ги даде кога ќе стигнат во Франција.
При обавениот разговор со С.И., М.И. и Б.И. тие го потврдиле фактот дека за наведената сума од 250 по човек требало да бидат однесени до Лион со цел да бараат азил.

Пријавениот уште изјавил дека овој му е четврти пат што превезува азиланти за сума од 250 евра од човек и секогаш ја користел истата маршута, односно илегално остварува излез од Македонија кон Косово ги носел „азилантите“ до автобуска станица во Гнилане, од каде тие со автобус заминуваат за Бујановац, Србија,  а тој се враќал по истиот пат за Македонија и истиот ден остваруваал легален излез на ГП Табановце и во  Бујановац на автобуска станица ги чекал истите патници и заминувале за Франција. По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

11.09.2013 - 12:30

најчитано сега