Османи: Секогаш сум работел според закон и во интерес на сите граѓани на Македонија
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, по повод најновите истраги што ги отвори СЈО, а во кои во едната се споменува и неговото име, вечерва во соопштение до јавноста истакнува дека отсекогаш работел според закон и во интерес на сите граѓани на Република Македонија.
- Информацијата за отворената истрага од страна на СЈО, иако уште претходно како шпекулација ја имав слушнато и прочитано во медиумите, сепак претставува изненадување за мене, особено спомнувањето на моето име во контекст на евентуални злоупотреби. Во мојата политичка и воопшто професионална кариера, и како министер за здравство порано, и сега, како вицепремиер, предводник на Секретаријатот за европски прашања, секогаш сум работел според закон, и во интерес на сите граѓани на Република Македонија, вели Османи во писмената реакција.
Османи вели дека стои на располагање и на СЈО и на друг правосуден орган и оти истрагата ја смета за нормална и коректна.
- Наведената истрага ја сметам за нормална, коректна и професионална обврска на Обвинителството и во таа насока стојам на располагање и на СЈО, и на било кој друг правосуден орган во земјава, за соработка во интерес на идентификување на целосната фактичка состојба. Сакам да потенцирам дека немам што да кријам, напротив, очекувам што е можно побрза и поефикасна истрага, а со цел да се утврди вистината - дека ниту сум влијаел, ниту сум можел да влијаам, а ниту сум можел да бидам запознаен со евентуална злоупотреба, секако, доколку таква постоела, наведува вицепремиерот во писмената реакција до јавноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа